29 Март, 2024
0.0248

STING, ANTE PORTAS!

Објавено во: Колумни 07 Јуни, 2017

Добивај вести на Viber

Колку што не сум сигурен дали добро го изговарам и пишувам нивното име, толку посигурно ми е сеќавањето на нивниот настап во 2011-та во тогаш сеуште новата сала Борис Трајковски, гордоста на партиското спортско градителство (иако започната од градоначалникот Пенов) во ерата пред започнувањето на легендарниот Скопје 2014. Ми се врти низ глава дека некаде бев слушнал за тоа дека „Движењето“ кое ја укотви Македонија (каков парадокс) во една место, со маркетиншките ефекти постигнати од доградбата и пуштањето на Борис Трајковски, било поттикнато да се втурне во гореспомената неимарска одисеја со стравобален исход кој сеуште го мериме.

Да се вратиме на Џамирокваи. Во тој час и половина концерт кои им се чинеа на сите протагонисти како цела вечност плеханите децибели во Брауново движење се расфрлаа наоколу завршувајќи секаде освен онаму каде што им беше местото.Напнатите тапанчиња на посетителите на денешната ВИП Арена, безуспешно се напрегаа да уловат нешто плус од литата музичка подлога. Тогаш веројатно немаше ниту еден единствен љубител на концерт во салата кој не ја сфати реалноста  - на Скопје му недостига објект за изведувачи кои се барем малку повеќе популарни од Канго, Ристо и Аца Лукас. Човекот во неверување дека го слуша сопствениот глас се извинуваше за просечното звучно доживување, обвинувајќи го во саможртва сопственото засипнато грло со ветување дека ќе се одолжи на следниот концерт. На 23.Јуни месецов во О2 Арената во Лондон ќе се појави на сцена планетарнатa саунд атракција Џамирокваи која 25 години дава инфузија на светската фaнк и ацид џез колонија. За нивни концерт во Скопје повеќе не слушнавме.

За воља на вистината на завчерашната трибина во МКЦ: Rock’n’Roll-откако soundtrack за новото Министерство за култура на РМ, беше потенцирано во сличен манир прашањето со целокупната рок сцена – и нејзините преспективи. Сепак, на преден план и тука изби немањето соодветен „playground” за сите сегашни и идни бендови. Настрана поддршката од државата која е сосема посебна и тешка тема тука го таргетираме починатиот подиум на главниот град, а кој има желба да биде вброен во рангот на развиените европски метрополи.

За поголемата приказна штетата е одамна направена. Убави шанси се пропуштија. Можноста да се направи мултифункционална сала на местото каде што е подигната Борис Трајковски е трајно изгубена. Ако се разбираме, таа е многу пристоен спортски објект но ништо повеќе од тоа, иако за десетици одлични музички атракции ни се подметнува како „the stage” од кој редовно излегуваме со оцена кисело и со надеж дека акустиката еден ден ќе еволуира сама од себе. Зданија од ваков габарит и дизајн беа модерни во 90-те години на минатиот век.  За концертна намена оваа сала доцни во времето и дополнителен факт, самого зазема просторот.

Можноста да се исправи недостатокот подоцна повторно загина со трошењето на единствената каква таква локациска шанса за објект на потегот меѓу денешниот Сити Мол и ул.Илинденска. На потегот на кој до пред една деценија (во минати мандати на локалната самоуправа) се разгледуваше можна локација за мултинаменски концертен објект сега се исциглија неколку десеткатници небаре Карпош е ненаселен дел на Курилскиот архипелаг, па преку од потребно е да се изгради прибежиште за повеќеилјадната источна војска што ќе не чува од забревтаниот Запад.  Црешата на овој бетонски десерт е зградата на една банка која прославуваше неодамна, со развиено чувство за односи со јавност и социјална одговорност преку малтретирање на населението со бесконечен огномет, оставајќи хемиска пустош и осакатеност на површина блиска до нашите домови. На среќата и немаше крај што Прокредит влезе во Гинисовата книга со најдолгиот дијаболен огномет во овој дел од Европа, а можеби и пошироко. Елегантно нема што, наместо општо прифатлива и корисна содржина локалниот моќник не награди со домување кое потсетува на касарна, а наместо светски концерти ја добивме колоритната канонада на нашата Прокредит банка. Ако ја пропуштивте не тагувајте, за 365 дена следи веројатно надминување на рекордот.

Во меѓувреме, чекајќи го Стинг ни се случи најголемата журка на Балканот!? Не велам дека Аца не заслужил да општи со својата публика, но да ги натокмите, принудите под иста стреа креаторот на The Police и кантавторот на Наочаре црне е мал облик на садо-ритуал и врз уметноста и врз публиката. Понатаможна елаборација е непотребно болна и затоа наместо тоа се согласувам на принципот дека секоја музика треба рамноправно да го најде патот до слушателот и до својата сцена. Онаму каде тоа не е исполнето потребен е интервенциски пристап. Ова уште повеќе ви трешти во мозочните комори кога ќе сфатите дека токму  вам како љубител ви е скратена можноста и на 15.Октомври останувате од надворешната страна на портите. Уште повеќе што се работи за легенда за која шансите да стапне на повторна турнеја во нашата „Мала Швајцарија“ се еднакви на тоа да лично да испиете кафе со Стив Џобс. А картите пламнаа за 24 часа и ова значи само едно, дека организаторот ја потценил публиката, односно публиката е поголема од колку што мислиме или пак дека немал друга опција. Двете го имаат истиот ефект, но првата е далеку поутешителна и  потврдува дека за нашиот Twin Peaks можеби сеуште има надеж.

Иако насловот  може да прозвучи претенциозно и до некаде „бахато“ номинира актуелност на една прилично приземна фрустрација. Таа произлегува од квалитетот односно неквалитетот на случувањата со кој е импрегниран градот во кој ги ситниме најубавите години од животот. Скопје е статистичка и  ненамерна грешка на мапите на актуелните светски концертните турнеи. Секоја чест на продукциските куќи (не споменувам поименично за да не пропуштам некоја) кои од петни жили се обидуваат да не исправат на траекторијата на светските музички имиња, но повеќе од констатација е дека без сцена во најтехничка смисла вие сте дисквалификувани уште пред во вас да се роди идејата кое име да го изведете на журката средсело. Примерот на Скопскиот џез фестифал можеби половина и повеќе од својот век демонстрира анти-логика на постоењето и одржливоста, но сепак и тука во последниве години недостатокот на допинг и немање адекватна сцена го земаа својот данок. На Универзална сала и на селекторот Белопета не им е лесно бидејќи нивните производи станаа синоними и практично се ко-брендира, за конечно на оваа култна градска знаменитост да и се досуди црвен картон и исклучување на клупа во траење од неколку години. Години во кој ние граѓаните остануваме ускратени за дел од својот живот.

Поука нема. Поука од оваа ретроспектива на нашата паланечка реалност е дека парите кои ги немаме треба да се трошат домаќински. По кој знае кој пат ја вадиме од долапот веќе баналната споредба што сé можеше да се направи со сумата од 2014-та. Веројатно со 10% од таа сума, за која веќе и не се знае каде ќе запре тркалото, ќе имавме една од најубавите мултифункционални сали во регионот рамна на Белградска арена, на О2 категоријата или на Берлинскиот Велодром. Врвна функционалност, можност за трансформација, дизајн и естетика, акустика, ни беа, но и сеуште се на дофат на рацете. Тоа е сето тоа што го немаме, а ни треба и уште пострашно знаеме дека постои. Додека размислуваме што натаму тие што извадија карти ќе бројат денови и однапред ќе се радуваат на Desert Rose и Russians. Останатите ќе се тешиме дека овој град конечно ќе се опамети (ова не значи дека ќе стане Smart City) и ќе почне да размислува рационално и целисходно, наспроти поривот да дише за уште еден ред бехатон и уште еден слој асфалт врз претходниот кој уште не е ни доволно исушен.

Од терасата слушам Ајдеее, ајдее Вардаре и I want to break free, и патем ми текнува да прашам... А некој да не има вишок карта за Стинг?

Пишува: Д-р Анте Попоски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?