Стоиљковиќ вели дека Македонија ќе гласа за прием на Косово во Интерпол, Брнабиќ не коментира
Објавено во: Балкан 09 Септември, 2017
Пратеникот и претседател на Демократската партија на Србите во Македонија, Иван Стоилковиќ, во интервју за „Вечерње новости“ изјави дека Македонија ќе го поддржи членството на Косово во Интерпол.
Во српските медиуми се појавија наслови од типот „Ништо од пријателството: Македонија и заби нож на Србија“, „Ново предавство од Македонија“, „Заев му помага на Тачи да апси Срби“. Српските медиуми пишуваат дека со членството во Интерпол, на Косово ќе му се отвори можност да распишува потерници по невини српски државјани и со тоа злоупотреба на базата на податоци.
Стоилковиќ вели дека не добил официјален одговор од Македонија, но дека е уверен дека таква одлука е донесена.
„Без сомнеж е дека на крајот на септември Македонија ќе гласа за прием на Косово во Интерпол. А тоа ќе отвори нови тензии меѓу двете земји по дипломатскиот скандал кој се одигра меѓу Белград и Скопје“ – изјави Стоилковиќ.
Српската премиерка, Ана Брнабиќ, пак, одби да го коментира ова прашање и кажа дека ќе даде се од себе двете земји да имаат само најдобри односи.
„Србија е отворена и фелксибилна и ќе дадеме се од себе да имаме најдобри односи“ – изјави Брнабиќ за време на прославата во Белград по повод Денот на независноста на Македонија.
Таа потсети дека му испратила официјална покана на македонскиот премиер, Зоран Заев, да го посети Белград во ноември.