Стопанска Банка а.д Битола денеска донираше медицинска опрема
Објавено во: Мои пари 10 Ноември, 2017
Стопанска Банка а.д Битола денеска донираше медицинска опрема, за потребите на неколку одделенија во ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски„ во Битола. Предмет на донација беа монитори за следење на витални параметри на пациентите и Електрокардиограф – апарат за снимање на срцевата работа за Одделот за неврологија, неонатолошки и бебешки креветчиња за Одделот за Неонатологија и Детското одделение. Исто така донирана беше и друга опрема која ќе биде распределена во Одделот за гинекологија и останатите одделенија според потребите на Клиничката болница во Битола.
Донацијата беше предадена од членовите на Управниот одбор на Стопанска Банка а.д. Битола д-р Наташа Несторовска и м-р Гордана Балтовска, на директорот на болницата д-р Зоран Лазаров. На настанот присуствуваа и д-р Жаклина Сирвини – помошник директор за интернистички гранки и д-р Снежана Ристевска – специјалист невролог, со чија соработка беа договорени и предметите на донирање.
Членот на Управнот Одбор на Банката, г-ѓа Наташа Несторовска, истакна дека со оваа донација Стопанска Банка а.д. Битола уште еднаш на дело ја потврдува својата социјална и општествена одговорност. Донацијата се однесува на оние сектори и институции во нашето општество каде е најмногу потребна.
Директорот на Клиничката болница Битола, Д-р Зоран Лазаров, истакна дека опремата ќе помогне во работата на Болницата, допринесувајќи во поквалитетна услуга и третман на пациентите, и ќе го направи престојот и животот на пациентите поедноставен и полесен.
Целта на нашата Банка е со оваа донација да допринесеме во унапредување и поддршка на јавното здравство во Република Македонија како дејност од јавен интерес.