24 Април, 2024
0.1304

Супер што Владата обезбеди инкубатори, но зошто киксна со самофалбите?

Објавено во: Анализа 16 Ноември, 2017

Добивај вести на Viber

Владата на Република Македонија обезбеди 16 за државната клиника за гинекологија, но направи кикс со тоа што се самопофали користејќи го терминот донација. Со ваквото самофалење како да се навраќаме на периодот на владеење на Груевски. 

Ако се сеќавате кога беа набавени првите автобуси од Украина на нив со црвена лента пишуваше дека се донација на Владата небаре министрите и премиерот од свој џеб извадиле пари па донирале за потребите на граѓаните. 

Повторно ќе кажеме потегот е одличен и за поздравување и затоа не треба да биде засенет од овој се надеваме почетен и ненамерен гаф. Владата не може да донира ништо како орган или институција за граѓаните на Македонија бидејќи што и да прави, да набави или купи го прави со парите кои самите граѓани ги издвојуваат преку даноците и останатите видови на давачки.

Прес службите на Владата треба многу повнимателно да ги срочуваат соопштенијата за јавност, да не си дозволат моменти на еуфорија, ниту пак обиди за очебијна самопромоција бидејќи ваквите пракси треба да останат во минатото. Самата набавка на 16 инкубатори и најава за уште десетина други е доволно добра вест сама по себе без да биде дополнително зачинета.

На одделението за интензивна нега на Клиниката за гинекологија и акушерство пристигнати се вкупно 16 инкубатори, a доставата лично ја најави премиерот Заев.

„Веруваме дека со оваа донација ќе придонесеме кон зголемување на квалитетот на грижата на предвреме родените новороденчиња. Во другите клиники низ Република Македонија ќе бидат доставени уште 10 инкубатори и тоа во општите болници во Штип, Тетово, Струга, Прилеп, Охрид, Куманово, Битола, Гостивар и Струмица, како и на Специјалната болница за гинекологија и акушерство Чаир, во Скопје.Наша најголема заложба и обврска како Влада на Република Македонија и како одговорни граѓани е да се грижиме за најмалите уште од првиот момент после нивното раѓање бидејќи се работи за самиот почеток на животот на идните генерации како најважна и највисока човечка вредност. Грижата за новороденчињата е, и ќе продолжи да биде еден од врвните приоритети на Владата на Република Македонија и суштинска вредност во нашето работење“ изјави премиерот Заев. 

Секако, треба да се врати фокусот и на главниот проблем, а тоа е високиот процент на смртност на новороденчиња, како и бројните случаи на смртни последици кај родилки или трајни последици. Затоа премиерот Заев побара помош и преземање на одговорност од повеќе општествени фактори.

„Македонија е земја со многу висока смртност на новороденчиња. Ако во минатото не се посветуваше доволно внимание на овој проблем, ја користам приликата да ги повикам сите општествени чинители, политички субјекти, институции, општествено одговорни компании, граѓански организации, граѓани заедно да работиме, да се бориме со овој горлив проблем за да ја промениме оваа состојба и да преземаме акции за заштита на здравјето и животите на граѓаните. Горчината во душата што ја чувствуваме кога ќе го слушнеме  процентот на смртноста на бебињата, крајно време е да ја отстраниме од нашите души“ рече премиерот Заев.