25 Април, 2024
0.0502

Кина предводник на истокот, Турција локомотива на Балканот, а каде е Македонија?

Објавено во: Анализа 17 Јануари, 2013

Добивај вести на Viber

Зголемени ризици за развиените европски економии. Земјите во развој ги чекаат подобри денови. Светска Банка во својот најнов Извештај за „Перспективите на светската економија“ прогнозира позначајно опоравување дури до година. Овој извештај не носи оптимизам за Македонија, особено ако се направи компаративна анализа во споредба со земјите од регионот. Со проекција за економски раст од 1 отсто, Македонија заостанува зад останатите земји во регионот. Полоша позиција се предвидува само за Црна Гора, каде годинава Светска Банка предвидува раст од 0,8% . Поголема доза на оптимизам има за Косово, чија економија во 2013 та би растела со стапка од 3,3%. На Балканот, со високи стапки на економски раст ќе продолжи и економијата на Турција, која во регионот останува локомотива за раст и развој. Така, за годинава Светска Банка предвидува дека турската економија ќе расте со стапка на економски раст од 4 отсто, со проекција за засилување на економскиот раст и во следните години.
„Земјите во развој забележаа најспори стапки на економски раст во изминатата деценија токму во 2012 година. Економскиот раст во овие земји се предвидува да се прошири за 5,5 проценти во 2013 година, додека зајакнување од 5,7 проценти и 5,8 проценти се очекува во 2014 и 2015 година, соодветно,“ стои во Извештајот на Светска Банка.
Кризата во Европа значајно влијаела врз економиите на Балканот, се оценува во извештајот.
„Целокупното влијание на овие случувања предизвика забавен раст во текот на првата половина на 2012 година во речиси сите економии во регионот . Намалувањето беше особено остро во Србија и Македонија, со негативни стапки на раст во првата половина од годината. Иако податоците за раст на БДП во третиот квартал се достапни само за неколку земји, сепак се сугерира дека тој останал на ниско ниво. Мало подобрување има кај Латвија од 5,2 отсто и Литванија од 4,4 проценти.“
Во извештајот на Светска банка е нотирана и невработеноста.
Високите стапки на невработеност во регионот се уште еден фактор кој влијае на домашната побарувачка. Додека ситуацијата со невработеноста се подобрува во Турција, Летонија, Литванија и Русија, состојбата на пазарот на труд останува исклучително салаба во Албанија, Бугарија и Србија. Во моментов, стапката на невработеност е над 20 % во Србија, Косово и Македонија“, стои во најновата оценка на Светска Банка.
Политичката несигурност во САД, пред се поради спорот за федералниот долг, го забавува растот на економиите и останува како фактор на ризик, предупредуваат аналитичарите на меѓународната банкарска институција.
Ако политичарите во САД не постигнат договор, довербата во доларот ќе ослабне, а генералното засилување на пазарната напнатост ќе го намали не само растот во САД, туку и глобално ниво “
Земјите во развој, според предвидувањата на Светска Банка, ќе остварат вкупен економски раст од 5,5% во 2013 та година и 5,7 % во 2014 та година. СТРАНСКИТЕ ПРОЕКЦИИ ВО СПРОТИВНОСТ СО ДОМАШНИТЕ  За годинава владата проектираше економски раст од 2 %. На слична позиција се очекувањата на Народната Банка, која прогнозира стапка од 2,5%. Како генератор на економскиот раст годинава, според Владата ќе бидат бруто-инвестициите кои според очекувањата треба да оставрат раст од 6 отсто. И за годинава владата најавува реализција на крупни инвестициски проекти.
„Придонес за економскиот раст ќе дадат јавните капитални инвестиции преку реализација на крупни инвестициски прокети, но и приватните инвестиции, посебно на фирмите кои работат во слободните економски зони“, пишува во Буџетот за 2013 та година.
Според проекциите на Владата годинава треба да запре континуираниот тренд на пад на индустриското производство, а намошен раст треба да покаже градежништвото. Уште поамбициозни стапки на раст беа проектирани во ланскиот буџет, при што Владата очекуваше економски раст од 4,5 отсто, а подоцна со ревидирање на прогнозата, стапката ја намали на 2 проценти. Според досегашните параметри, 2012 та ќе заврши со стагнација. Кај  клучниот генератор на економскиот раст – странските  инвестиции имаше позначајно промашување. Заклучно со октомври во земјава влегле 50,6 милиони евра странски директни инвестиции  и во споредба со истиот период од 2011 та, тие се пониски за повеќе од пет пати. Реализацијата на капиталните буџетски трошоци заклучно со октомври 2012 та изнесува 62,4%. Индустриско производство во текот на 2012 та година во континуитет беше во негатива, тренд, што според очекувањата на бизнисмените ќе се прелее и во оваа 2013 та година. За разлика од пооптмистичките очекувања на Владата, стопанствениците укажаа дека кризата ќе ја зафати и првата половина од оваа година, а благо опоравување може да се очекува дури во второто полугодие. ПОМАЛКУ ОПТИМИЗАМ ЗА ВИСОКО РАЗВИЕНИТЕ ЗЕМЈИ Високо развиените економии ги чекаат тешки денови и во оваа 2013 та година. Според проекциите на Светска Банка економиите на развиените земји во 2013 та ќе достигнат раст од 1,3 отсто, што во однос на 2012 та година нема да значи некои посериозно позитивно поместување. Поголемо оправување се очекува догодина. Она што се посочува како знак на оптимизам е зголемување на трговијата на стоки и услуги.
„Глобалната трговија на стоки и услуги, која се зголеми само за 3,5 отсто во 2012 година, се очекува да се забрза и годинава да се прошири за 6 отсто а до 2015 та до 7 проценти“, се посочува во извештајот.
Како позитивен сигнал се посочува и високиот степен на адекватност на банкарскиот капитал, со стапки кои се поголеми од 10 отсто. Сепак се посочува дека општата криза и натаму може да го забави кредитирањето. Уште поцрни проекции има за земјите од Еврозоната. Годинава се прогнозира негативна стапка на економски раст од -0,1% а во 2014 та се предвидува благо оправување и влез во позитивна зона со раст од 0,9 отсто. ОЧЕКУВАЊА : ИСТОЧНА АЗИЈА И ПАЦИФИКОТ На истокот, Кина останува главна движечка сила. Светска Банка предвидува раст на кинеската економија од 8,4 отсто во оваа 2013 та година. Високи стапки на одржлив развој се предвидуваат и за другите земји од овој дел од светот. Економијата на Индонезија во следниве три години ќе расте со стапка поголема од 6 проценти. Како лидер по економскиот раст се посочува Монголија, која во 2013 та треба да оствари фантастична стапка на раст од 16,3 отсто.