29 Март, 2024
0.0671

Така прави Словенија, а Македонија!

Објавено во: Колумни 10 Февруари, 2017

Добивај вести на Viber

Словенечкиот претседател Борут Пахор денес во Москва треба да се сретне со рускиот претседател Владимир Путин. Тоа ќе биде една од десетиците средби што имале словенечки претседатели или премиери со Путин. Почнувајќи од Милан Кучан, па Јанез Дрновшек, Данило Турк, сите тие секогаш наидувале на широко отворени врати во Кремљ или во претседателските резиденции во Сочи.

Што е тоа што ја прави Словенија поинаква од други држави на Балканот, па и во Европа, во кои Путин не стапнал или пак нивните претседатели не биле радо видени гости во Москва? Со ваков број на средби на врвот не можат да се пофалат, ниту Србите, ниту Бугарите, ниту Хрватите.., а за нашава Македонија да не зборуваме. И Путин беше три пати во Словенија. Таа е членка на НАТО и на ЕУ, но тоа за Русите и Словенците не е пречка да имаат одлични меѓудржавни односи. И покрај фактот што постојат разногласија, особено по воведувањето на санкциите од ЕУ кон Русија, по присоединувањето на Крим кон Русија и по настаните во Источна Украина. Словенија молчаливо се присоедини кон санкциите.

Во средата во Берлин Пахор изјави дека во Берлин никому не му пречи неговата претстојна посета на Русија и средбата со Путин. Тој очекува во Москва да се потпишат договори важни за словенечката економија. Значи тоа е прво, а патем ќе се разговара и за состојбите во Украина. Пахор во недела ќе ја посети и Украина. Словенија можеби ќе се обиде да направи некаква медијација во односите на Русија со Украина и решавањето на кризата, но тешко е да се верува дека ќе успее да направи нешто, дотолку повеќе што за таа работа директно комуницираат Ангела Меркел и Путин во рамките на „Нормандската четворка“. Но, сепак, секој обид не е одвишен.

Кон крајот на јули минатата година рускиот претседател Владимир Путин по третпат ја посети Словенија. Беше на отворањето на „Споменикот на синовите на Русија и на Советскиот сојуз“, кои умреле на словенечка територија во Првата и Втората светска војна, а исто така ја посети и обновената Руска капела на преминот Вршич, изградена во 1916 година во спомен на руските војници-заробеници, кои загинале под лавините при изградбата на патот на тој премин. Оваа посета предизвика незадоволство и загриженост во ЕУ. Во време кога сите зборуваа за меѓународна  изолација на Путин поради настаните на Украина, Словенија се осмелува да го кани него на гости! Во Европа имаше медиумски молк за таа посета, но тоа беше знак дека Словенците самостојно решаваат за својата надворешна политика. А секоја сериозна држава не ги заборава таквите потези.

Поканата за посетата на Путин сигурно не беше мотивирана со желбата на Словенија да покаже колку многу ја сака Русија. Во нејзина основа лежи прагматизмот на Словенците. Кога видоа дека економската размена со Русија се стрмоглавува се крена тревога. Пред се во стопанството. Се покажа дека санкциите најмногу удираат на најмалите членки на Унијата. Ако на една Германија санкциите и контрасанкциите и нанесуваат штета од десетина милијарди евра, таа може тоа да го издржи и да не ги слуша повиците на компаниите за укинување на санкциите. Но, една мала Словенија не може да си дозволи размената со Русија да и падне 50 проценти. Оттука и алармот на словенечките стопанственици. А потоа се забрзува отворањето на споменици, кои и така би биле отворени, но можеби подоцна.

Малку бројки. Во 2013 година, пред воведувањето на санкциите вкупната размена на Словенија со Русија била 1,5 милијарди евра, во втората половина на 2014 година беа воведени санкциите, а размената опадна на 1,4 милијарди евра. Во 2015 размената беше една милијарда долари, за во 2016 да надмине 750 милиони евра. Што е уште поважно, Словенија отсекогаш има суфицит во размената во Русија. Во споменатите години тој се движи од 350 до 600 милиони евра, во 2013 година. Словенија на рускиот пазар во најдобрите години пласираше фармацевтски производи во вредност од 300 илиони евра!. 120 милиони евра се машински производи, а електрични и елктронски 100 милиони евра. Од друга страна Русија и обезбедува на Словенија енергетски суровини, нафта и нафтени деривати, 160 милиони евра годишно, алуминиум и алуминиумски производи дваесетина милиони евра… Се повеќе Руси инвестираат во Словенија, во челичната индустрија пред се, а постепено навлегуваат и во туристичкиот и здравствениот сектор.

Ако прагматизмот е движечката сила во надворешната политика на Словенија, се чини дека интуицијата е уште еден адут на словенечките политичари. Тие го намирисаа ветерот на промените од онаа страна на Атлантикот. И еве одат во Москва. Неодмна словенечкиот министер за надворешни работи Карл Ерјавец во едно интервју за словенечки „Журнал24“ спомна инцијатива на руски дипломат, а тој за неа разговарал и со неговиот руски колега Сергеј Лавров. Станува збор за организирање американско-руска средба на врвот во Словенија. „ Со оглед на фактот дека имаме успешно организирана средбата Буш-Путин, Лавров рече дека не гледа причина дека состанокот на такво ниво нема да се повтори. Сето ова се разбира зависи од Доналд Трамп и Владимир Путин.“, рече во интервјуто Ерјавец. Грабаат напред Словенциве, грабаат…

Кај сме ние? Нашиве политичари во соработката со Русија гледаат само ситно(крупно)-сопственички односи. За државните интереси одамна заборавија. Последен кој работеше на тоа беше претседателот Киро Глигоров. Никој не седнал да направи анализа на односите, пред се’ економски, со Русија, па да го поддржи македонското стопанство на начин на кој тоа го прават Словенците. Овие уште во деведесеттите години на минатиот век направија стратегија за настап на рускиот пазар. Седнаа, Комората, бизнисот и ресорните министри и изготвија документ на неколку стотици страници  на кои ги напишаа визиите за соработка со Русија. Плодовите од тој напор ги жнеат до ден денес и покрај разните предизвици со кои се соочуваат во меѓувреме. Нашиве, пак, сега гледаат кон Русија како сламка за спас од она што ги очекува. Судбината на Мира Марковиќ, или на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович, кои се во егзил во Русија. Ни Путин, ниту друг политичар, со такви луѓе нема да седне на маса.. Ниту ќе ги прими во посета  на Русија, ниту пак ќе дојде во Македонија.

Пахор во Берлин во средата спомена можност за медијација меѓу Русија и Украина. Ќе се види со Путин денес, во недела со украинскиот претседател Петар Порошенко. Ќе опипа пулс дали има простор за медијација. Наредниве месеци нема да биде изненадување ако бидат медијатори на светската средба на врвот, меѓу Трамп и Путин. Тоа се Словенците. А ние? Ние само примаме медијатори.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?