Талат Џафери планира преземање на гостиварскиот огранок од Бејта
Објавено во: Македонија 14 Февруари, 2018
Собранискиот спикер Талат Џафери во овој период кога нема обемна легислативна агенда на дневен ред има време да се бави со внатрепартиски прашања, секако доколку им се верува на дел од албанските портали кои пренесуваат дека има интерес внатре во ДУИ да дојде до промени во Гостивар и избор на нов претседател на општинскиот огранок.
Главните причини за незадоволство кон Бејта кој на повеќе наврати беше градоначалник на општина Гостивар, лежи во тоа што тој ги изгуби последните локални избори кога му беше предизвикувач Арбен Таравари од Алијансата.
Гостивар е една од поретките големи општини кои ДУИ ги загуби и само тамо не профункционира коалицијата со СДСМ и останатите партии од обединетиот блок. Фактор беше и високиот процент на излезеност бидејќи македонските гласачи беа доста вознемирени од најавите за двојазичност и кантонизација што за нив би било голем неуспех и практична одвоеност од централниот дел на земјата.
Сепак, во Гостивар не успеваше премногу националистички или популистичка реторика, туку прашањето беше дали може да се избере градоначалник кој ќе се справи веднаш со локални проблеми како депонии, атмосферски канализации и мирен соживот. Во тој профил најдобро се вклопи Таравари, при што Бејта немаше што повеќе да понуди.
Можен наследник на Бејта во Гостивар е Газменд Сејфули од младинскиот форум на ДУИ. Токму тука лежи и притисокот на Џафери кој има висок авторитет во партијата како носител на третата најмоќна функција во Република Македонија, а имал и поддршка од членови на самото раководство за да се отвори патот за нови и млади кадри кои ќе понудат свежина во општината.
Х.С.