20 Април, 2024
0.0246

Театар на насилство и трагедија: колку чини душата на уметникот?

Објавено во: Колумни 23 Мај, 2016

Добивај вести на Viber

Ненасилството е најголемата сила со која располага човештвото, изговорена од Махатма Ганди,  максима која го обележува 21 век. Ако 20 век го паметиме по разорни насилства, насилства кои однесоа милиони човечки животи, насилства во сите сегменти на човековото битисување, почнувајќи од војни, преку револуции до катадневни агресии и насилства ширум светот. Насилството во векој кој измина  не го поштеди ниту развиениот свет, ниту богатите, ниту земјите во развој, едноставно, насилството не познаваше граници, нации, раси, религии и етникуми. Токму затоа сета научна, интелектуална и политичка елита во векот во кој егзистираме се насочи кон изнаоѓање механизми и стратегии за спречување и превенирање на било кое насилство. Но и покрај сите напори и желби на секој добронамерник и совесен човек да застане на патот на насилството, и денес и во оваа наша мала, но сакана држава, има луѓе на кои теророт и насилството не им се туѓи, напротив, повикуваат на насилство кон граѓани, жители на истата татковина во која тие живеат. Колку чини душата на уметникот Без влакна на јазикот и без суптилност ќе ја истакнам мојата фрапираност и згрозеност од повикот за насилство од страна на актерка, носител на висока функција во доменот на културата, од страна на жена, мајка, интелектуалка, која треба да се грижи и да ја развива културата, а културата подразбира моралност, естетика, убост, мир и дијалог. Потполна дисхармонија кај актерката, која наместо културно да оплотува и вдахновува, насилство пропагира и посејува. На секој добронамерник и доброчинител, на секој кој има малку човечност и добрина, му се преврти утробата од повикот на актерката за употреба на гумени куршуми, повик јавен и упатен преку социјални мрежи. Безумието завладеа и во културата и оние кои се водат рака под рака со Мефистофел, ја продадоа душата на ѓаволот, за пусти паринки и директорски функции станаа бездушни и малициозни...Колку чини душата на уметникот...едно директорско столче...бедно.... Хипокризијата нема граници О голема актерке, како моите студенти ќе ги однесам на Лисистрата или на друга престава да те гледаат на штиците што живот значат, бидејќи после насилниот повик Театарот на комедија го претвори во Театар на насилство и трагедија. Ти актерке која брилираше во Олово на перница и во многу други престави кои те издигнаа на пиедесталот на врвни актерки, дозволи со блудни коментари и валкани написи да треснеш од тронот и од великанка да станеш зрно мак. Не можам и немам право на ниту еден студент да му наметнам да оди во театар да се изгради и надгради културно, во театар каде ти си главната хероина, бидејќи не ќе можам во очи да ги погледнам кога ќе ме прашаат дали и јас индиректно поддржувам насилни дејанија кога им препорачувам актери кои бараат гумени куршуми за оние кои се борат за подобро утре. Хипокризијата нема граници, а ти си доказ и показ за тоа бидејќи тенка е линијата меѓу лагата и дволичноста. Само се прашувам како на сопственото дете ќе му објасниш зашто сакаш некое друго дете, можеби и негово другарче или родител на неговото другарче да биде повредено, зашто воскликаш на агресијата која е насочена кон оние кои мирно протестираат, борејќи се за подобро утре и на твоето дете. Ќе се погледнеш ли во огледало и мирен сон ли ќе сониш, совеста чиста ли ќе ти е после повикот за крвопролевање или кошмари ќе те навјасаат.... А најстрашно од се е непостоењето на нималу грев или покјание за стореното, о демохристијанке  ниту една  религија не познава насилство, за насилсниците местото е во пеколот. Поголем пекол не може никој да доживее и преживее од пеколот кој го чини совеста, кој малку по малку пече, но доволно долго за да многу ноќи останат непроспиени, секако, ако човек има совест. Проф. Д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет-Скопје  

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок