Тешка автобуска несреќа на смрзнат пат во Франција - 4 загинати, 27 повредени
Објавено во: Свет 08 Јануари, 2017
Патнички автобус рано изутринава околу четири часот и триесет минути излета од Националниот пат број 79 во Франција при што загинале четворица од Португалија, повредени се 27 патници од кои тројца потешко, јави дописникот на МИА од Париз.
Според информациите на префектурата автобусот се движел кон Швајцарија. Несреќата се случила непосредно пред вијадуктот Шароле, на патот Центар Европа Атлантик која поминува низ Франција од исток кон запад, кој се смета дека е еден од најопасните во Франција.
Излетувањето од патот на автобусот се должи најверојатно на замрзнатиот коловоз, по студениот дожд, што паѓаше во текот на ноќта во регионот.
На настраданите им помогаа седумдесет и пет пожарникари и медицински персонал. На 29 март 2016, дванаесет португалски државјани од Швајцарија загинаа во судир на комбе со камион на истиот овој пат, но во Алие.
Синоќа се случи и верижен судир на камиони на автопатот А31 кај Селонге, во кој едно лице загина.