Тимоние-Бејта: Поскоро да се формира влада, не треба да се губи време
Објавено во: Македонија 13 Февруари, 2017
На Македонија ѝ е потребно формирање влада во најскоро време, изјави амбасадорот на Франција во Македонија, Кристијан Тимоние денеска на средба со градоначалникот на општина Гостивар и потпретседател на ДУИ, Невзат Бејта.
Тимоние вели дека Франција ја поддржува Република Македонија, како и сите процеси во развојот на демократијата и пристапување во Европската Унија. Тие дискутирале за политичката состојба во Македонија и потенцирале дека е неопходно што посокоро формирање влада.
„Државата не е во состојба на криза, но ние како амбасада, сепак сме на став дека не треба да се губи време при формирањето влада. Посакуваме вашата земја да биде стабилна и да напредува во правец на воспоставување на демократски вредности и дека ќе стане држава на граѓаните. Важно е да преовладува мир и да нема конфронтации, бидејќи во спротивно сите би изгубиле“- изјави Тимоние.
Бејта го потврди ставот дека формирањето на влада е неопходно да се случи во поскоро време. Додаде дека таа треба да биде прифатлива за мнозинството граѓани во нашата држава.
„Граѓаните очекуваат што поскоро земјата да излезе од кризата и да се формира влада која ќе биде прифатлива за мнозинството граѓани. Со прифаќање на таквата влада, во нашата земја ќе се зајакнат демократијата, слободата, еднаквоста и правдата меѓу сите граѓани без оглед на која заедница му припаѓаат“ - рече Бејта.
Тимоние и Бејта разговараа и за актуелната состојба на локално ниво и реализираните проекти во изминатиот период.