29 Март, 2024
0.0256

Трамп - гробарот на републиканците?

Објавено во: Анализа 13 Октомври, 2016

Добивај вести на Viber

Во САД воопшто не е невообичаено да се појават несогласувања меѓу кандидат за претседател и партијата која го подигнала. Поскоро тоа е правило. Обично двете страни се обидуваат да ги намалат разликите меѓу себе - најдоцна кога ќе слегне правот од првичните избори и ќе започне вистинската предизборна кампања, коментира Михаел Книге за Дојче Веле.

Но, дури и кога одделни членови на една партија имале сериозни резерви кон својот кандидат - како на пример републиканците кон конзервативниот кандидат Бари Голдвотер во 1964 година, или демократите кон Џорџ Мекгаверн во 1972 - како целина партијата и кандидатот обично работат за една заедничка кауза. Сега сепак политиколозите тврдат дека длабокиот јаз меѓу кандидатот на републиканците Доналд Трамп и неговата партија е без преседан

Око за око од самиот почеток

„Пливаме во непознати води“, вели по тој повод проф. Скот Лукас кој предава американистика на Универзитетот во Бирмингем. А неодамна Оксфордскиот професор Најџел Боулс го нарекува јазот меѓу Трамп и Републиканската партија „невиден во повоената историја на земјата“.

Овој спор меѓу Трамп и Републиканската партија се води во јавноста, а најмногу на Твитер, но не е само тоа ново. Фактот дека конфликтот не ги изненади набљудувачите, исто така е уникатен. Бидејќи раководството на партијата и нејзиниот кандидат за претседател се фатија „за врат“  уште од самиот почеток на предизборната кампања. Трамп долго им се закануваше на републиканците дека ќе се јави како независен кандидат, ако почувствува дека неговата партија го измами. Во самата партија пак сметаа дека неговата кампања „запрепастила“ еден дел од членската маса. Доналд Трамп јавно влезе во конфликт со многу од водечките фигури на републиканците - при тоа доста пред да станат познати неговите сексистички изјави по кои од него се оградија истакнати републиканци како Пол Рајан и Џон Меккејн.

„Предметното видео за Трамп и жените беше само катализатор“, вели Лукас. Според него причината за оддалечувањето на партијата од нејзиниот кандидат за претседател е друга: стравот. Претседателот на Претставничкиот дом Пол Рајан и неговиот колега во Сенатот, Мич Меконел стравуваат дека републиканците може да го изгубат мнозинството во двата дома на Конгресот, продолжува Книге.

- Тие едноставно сакаат да го задржат мнозинството, бидејќи се цврсто убедени дека Трамп ќе ги изгуби овие избори“, вели Боулс. „Многу републикански сенатори и конгресмени очекуваат исклучително тесна битка во нивните изборни окрузи и стравуваат дека Трамп може да ги повлече кон дното“, додава од своја страна Лукас. Кажано поинаку: раководството на Републиканската партија го отфрлиле Трамп, го промениле планот и сега се обидуваат само да ја ограничат штетата. Но овој нов план е опасен, бидејќи Републиканската партија е премногу ранлива и Трамп буквално може да ја уништи.

Три различни фракции

Според набљудувачите, од 70-тите години на минатиот век партијата е поделена на три кампа. Во едниот се богатите републиканци, кои се заинтересирани главно од економската политика и од намалувањето на даноците. Во втората група влегуваат христијани евангелисти, а третата е белата работничка класа, чии приходи во последните неколку децении значително опаднаа. Овие три групи имаат допирни точки, но нивните интереси се премногу различни.

- Нема ниту теоретски, ниту историски основи да веруваме дека овој сојуз ќе преживее уште долго време, вели Боулс. Според него дури е вистинско чудо дека партијата уште не е загубена.

Наследството на Реган

И Скот Лукас смета дека Републиканската партија одамна е поделена - како во економска, така и во социјалната политика. „Достигнувањето на Роналд Реган се состоеше во тоа дека и покрај несогласувањата тој успеа да ја сочува партијата“, додава тој.

При Реган (претседател во периодот 1981-1989) републиканците на два пати по ред успеаја да ја заземат Белата куќа. Сега Доналд Трамп е на пат да го потроши овој политички капитал. Неговата кампања е насочена единствено кон мобилизирање на белата работничка класа, а голем дел од гласачите, кои досега беа симпатизери на републиканците, веќе и го свртеле грбот на партијата. Да не зборуваме за неодлучните, на кои кампањата на Трамп не обрнува никакво внимание, како што тврдат набљудувачите.

Затоа Скот Лукас смета дека Трамп врши предавство на својата партија. Но вината за тоа е и на самите републиканци кои ја потценија способноста на Трамп да мобилизира одредено малцинство гласачи. Најџел Боулс дополнува: „Како бел ден е јасно кој е деструктивецот. Партијата се урива по сценариото на Доналд Трамп. Прашањето е само дали во иднина републиканците ќе успеат повторно да се сплотат. Лично сметам дека тоа е малку веројатно“, смета Книге за ДВ.


Можеби ќе ве интересира

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот

ДОЈДЕ ПРОЛЕТТА, НО ЗИМА НЕМАШЕ - ДАЛИ Е ОВА НОВОТО НОРМАЛНО И ШТО НЕ ОЧЕКУВА ОВА ЛЕТО? Еве што велат метеоролозите од Балканот