20 Април, 2024
0.0257

Трамп легален претседател, а што стана со руската поддршка?

Објавено во: Колумни 06 Јануари, 2017

Добивај вести на Viber

За време на американското претседателско предизборие еден мој колега и пријател рече дека ако победи Доналд Трамп на изборите, тогаш СВР(руското разузнавање) е најдобро во светот. Трамп победи, а еве вчера од САД дојдоа потврди дека тоа небаре е така. На сослушување во Американскиот сенат шефовите на американските разузнавачки служби предупредија дека Русија претставува најголема закана за многу американски интереси, тврдејќи дека за хакерските напади и објавувањето документи на Демократската партија за време на претседателските избори во САД е одговорно највисокото раководство на Русија.

- Проценивме дека само највисоките руски функционери би можеле да ги одобрат неодамнешните кражби(хакерски) и објавување податоци во врска со изборите, се наведува во заедничкото соопштение на директорот на Националната разузнавачка агенција, ЏејмсКлапер, потсекретарот на одделот за разузнавачки прашања при Министерството за одбрана, Марсел Летр и директорот на Националната безбедносна агенција (НСА) МајклРоџерс.

Како што пренесоа агенциите, тие предупредуваат дека Русија претставува најголема закана за многу американски интереси поради својата „високо напредна кибер програма“ и софистицираните капацитети.- Русија е голем актер во областа на кибернетиката и претставува главна закана за американската Влада, војска, дипломатската, трговската и клучната инфраструктура, оценуваат највисоките американски разузнавачи. Клапер, исто така, истакна дека основачот на „Викиликс“, Џулијан Асанж со објавување на доверливите информации директно ги загрозил животите на Американците. Меѓу другото американското разузнавање споменува и обиди за влијание врз јавното мнение во Европа и Азија, а исто така и обиди да се влијае врз резултати на избори. Но да не биде Русија сама, во списокот на земјите од кои доаѓаат кибер закани се ставени и Кина, Иран и Северна Кореја.

Во октомври американските власти официјално ја обвинија Русија за хакерски напад на серверите на американските партии, поточно на Демократската партија, а исто така и за вмешување во претседателските избори во земјата. На почетокот на декември ЦИА дојде до заклучок дека Русија се вмешала во изборите со цел да му помогне на Трамп. Одговорите на Русите на ваквите  обвинувања беа дека станува збор за будалаштини, и за непристојни обвинувања. Претседателот Путин на прес конференција во Москва во втората половина на декември по повод ваквите обвинувања изјави:- Зарем тие (хакерите) нешто манипулирале? Лажирале? Раководителката на комитетот на Демократската партија поднесе оставка како резултат на тоа што го открија хакерите? Тоа значи дека хакерите кажале вистина! И наместо да се извинат (демократите) пред избирачите почнаа да викаат – кој ги направил тие хакерски напади. Зарем тоа е важно? Според него, „губитниците секогаш бараат виновници надвор од своите редови“.

Овде е добродојдена една мала дигресија. Поврзана е со нас. Кога Зоран Заев почна да ги објавува прислушкуваните разговори Груевски и Ко. почнаа да зборуваат за некакви жолти комбиња кои прислушкувале низ Скопје, па обвинуваа поединци од службите…На памет не им паѓаше, а не им паѓа ни ден денес да зборуваат за содржините на разговорите. Велеа се’ е сечено, лепено…Дури се дрзнуваат да ја блокираат на секој начин работата на Специјалното обвинителство во намерата да се откријат тие што прислушкувале, снимале и кривичните дела што произлегуваат од тие разговори. Оставките на Сашо Мијалков, Гордана Јанкуловска и други беа делумно признавање на вината. Се чини груевциве како да биле партнери на Демократската партија во САД, а не на Европската народна партија.

Првиот човек на американското разузнавање Клапер, на сослушувањето изјави дека САД порано не се соочувала со толку агресивна и директна кампања со мешање во изборниот процес. Но тој не можеше да потврди дека хакерските напади влијаеле врз резултатите од изборите. Тоа значи дека естаблишментот веќе не го обвинува Трамп за тоа дека неговата победа небаре била режирана од Москва. А ако немало руско влијание врз изборните резултати, тогаш легитимноста на Трамп е неспорна. Впрочем тоа го потврди и ценаторот Џон Мекејн кој рече дека  „Во основната задача на истрагата не влегува и не треба да влегува ставањето под прашање на победата на Доналд Трамп на изборите. Но, ние треба во целост да си дадеме одговор, што всушност се случи на изборите?“

Ако е така, како што тврди Мекејн, тогаш што станува со руската поддршка на Трамп? А за која беа гласни американските власти и ЦИА и Хилари Клинтон. Што ако се утврди дека сепак Русите влијаеле врз изборите? Или пак се работи за нагнетување на анти руска хистерија во САД?

Клапер на слушањата изјави дека Москва има богата историја на вмешување во избори, „домашни и странски“. „Тоа оди од 60-тите години на минатиот век, до зенитот на „студената војна“, изјави тој. Сенаторот, републиканец, Том Тилис, како дополнување на Клапер заклучи дека врз основа на истражувања, САД се вклучиле во 81 различни избори во странство, додека Русија во 36, по Втората светска војна.

Но работите на слушањата не завршија на хакирањето. Сенаторот Мартин Хајнрих посака да се зборува малку и за пропагандните активности на руската влада на англиски јазик. Па ги спомна Русија денес, Спутњик, лажни вести, социјални медиуми… Во одговор Клапер, истакна дека иако голем дел од вниманието на јавноста во текот на изминатите шест месеци беше насочено на руските хакирања на Демократската партија, имало руска кампања со лажни вести, често промовирани на социјалните мрежи, што не треба да се занемарува. Тој укажа на Русија денес, исто така позната како RT, финансирана од руската влада меѓу народна телевизиска мрежа која, според него известува од гледна точка која е "потценувачка за нашиот систем, нашето наводно лицемерство во врска со човековите права." Имаше не само хакирања. Имаше и класична пропаганда, дезинформации, лажни новости, потврди Клапер.

Но овде може да се постави и контра прашање. А како известуваат Гласот на Америка и Радиото Слободна Европа. Или разни западни телевизиски мрежи. Неодамна група луѓе кои се занимаваат со етиката во новинарството од Балканот се сретна со колеги од земји на постсоветското пространство, Русија, Украина, Грузија, Азербејџан, Молдавија... Една од темите на кои се дискутираше беше и „Етиката и пропагандата“.  Мошне актуелно во светлината на она што се случува во Украина, во Грузија…Главниот збор го имаа колегите од некогашните советски републики. Некои претставници, Грузинците, на пример, цело време зборуваа за руска пропаганда. Еден колега од Балканот ги праша, „А има ли западна пропаганда кај вас“. Наместо одговор, молк, а потоа тивко: „Има, ама тие помалку лажат“. Така што пропагандата работела и ќе работи. Ќе лажат и едните, ќе лажат и другите. 

Извештајот на американското разузнавање во целост вчера беше даден и на претседателот Барак Обама. Се очекува документот да биде објавен наредната недела. Се разбира без некои тајни делови. Во меѓувреме за него ќе се проговори и во Конгресот, а ќе биде брифиран и Доналд Трамп. Засега не е потврдено, но сигурно Обама наредната недела ќе се јави со коментари за извештајот.

Очигледно историјата со „руските хакери“ отиде многу далеку. Засега нема јавни докази. Се’почна со наводната желба да се дискредитираатдемократите. Па се проговори за тајната помош на руските служби на Трамп. Па за влијанието на изборите. Сега се зборува за директна наредба на Путин за хакирање. Па за доставување на украдените материјали, преку трети лица, до Викиликс. Ова е веќе нова ситуација. Но што ќе каже целосниот извештај? Ќе има ли нешто конкретно или како досега само ќе се зборува за претпоставки. А дали зад сето ова нема некоја намера на администрацијата во заминување, заедно со претседателот, да и се наштети на Русија. Дотолку повеќе што во изминатиов период имаше и има повици за таков чекор. Се зависи што ќе одлучи Обама. Но, да се надеваме дека нема да воведува нови санкции на последниот ден од неговото претседателствување. Нека остави нешто да сработи и Доналд Трамп.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок