19 Април, 2024
0.0236

Троен сојуз за спас на Сирија!

Објавено во: Колумни, Свет 19 Август, 2016

Добивај вести на Viber

„Претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган наредната недела ќе го посети Иран“, соопшти во средата иранската агенција Fars. Според неа, посетата „ќе биде официјален старт“ на процесот на формирање на „иранско-руска-турска коалиција за Сирија“. На оваа посета и претходи еднодневната посета на иранскиот министер за надворешни работи Мохамед Џавад Зариф на Анкара минатиот петок, каде што се сретна и со Ердоган. Идејата за тројниот сојуз, барем официјално, е на Ердоган. Озвучена беше по неговата неодамнешна средба со рускиот претседател Путин во Санкт Петербург. Дали за такво нешто станало збор во нивните разговори не е познато.

Деновиве Иран им даде на Русите своја воздухопловна база за „полнење гориво“ на руските воени авиони кои треба да изведуваат воздушни напади врз силите на ИД. Иранскиот Устав забранува давање на ирански бази на користење на странски сили, но не забранува „полнење гориво“. Таа забрана е воведена во 1979 година по „иранската револуција“, пред се како израз на раскид со „големиот сатана“ кој ги користеше базите десетици години. Во САД веќе повикуваат на неуставноста на потегот на Иран и наводното нарушување на договорот за симнување на санкциите кон таа држава. Но тоа е повеќе одраз на немоќ, отколку вистинска причина да се дејствува против тесната соработка меѓу Иран и Русија, кои и практично се сојузници околу Сирија.

Можат ли вистински да станат сојузници трите соседни држави? Гледано историски тоа не е можно. Русија и Иран во 19 век воделе војни, по кои се склучени мировни договори, кои, велат историчарите, повеќе им одговарале на интересите на Русија. Иран десетици години беше близок партнер и сојузник на САД и членка на ЦЕНТО пактот. Овој пакт е основан 1955 година со поссршка на АД и Велика Британија, а го сочинуваа Велика Британија, Иран, Пакистан и Турција, а САД имаа билатерлани договори Турција, Пакистан и Иран за соработка против „посредната или непосредната комунистичка агресија“. По револуцијата во Иран во 1979 година пактот се распадна. Иран стана „непријател“ на САД, но и не се зближи многу со Русија.

Овде има еден интересна работа. Некои политичари во Русија, барајќи излез кон топлите мориња, а по претходно обезбедениот излез низ Босфорот, мечтаеле Русија да излезе на Индискиот океан. Патот до таму водел низ Иран. Во 19. век во војните со Иран руските војсководачи поттикнати од успесите биле подготвени да отидат дури до Индискиот океан, но царот Николај Први, инсистирал на мировен договор. Во современа Русија политичарот кој бараше „рускиот војник да ги мие чизмите во Индискиот океан“ беше Владимир Жириновски. Официјално опозиционер, ама секогаш гласа за она што ќе го каже власта. Додека работев во Москва имав можност, заедно со колеги од Асоцијацијата на странски дописници со него да се сретнам два пати. На една од средбите ни ја подари книгата, во слободен превод, „Последниот скок на југ“, во која го има потенцирано миењето на чизмите на руските војници во топлите мориња. Дури има е иден виц на таа тема. Жириновски се фали: -Рускиот војник ќе ги мие чизмите во Индискиот океан“. Џорџ Буш му одговара:- Ако рускиот војник ги мие чизмите во Индискиот океан, тогаш тоа ќе бидат чизмите на неговиот американски господин“. Како и да е Иран и Русија денес и практично се сојузници околу Сирија. Иран веќе најави градење на воден канал од Каспиското море до Индискиот океан, па ја повикува и Русија да се вклучи во таа иницијатива. Ете можност Русите директно да излезат на топлите мориња, без војска, без чизми.

Што се однесува до односите на Русија со Турција и овде не било се со љубов. Меѓусебно војувале неколу пати. Турција најмногу ги губела војните. Но од друга страна болшевичка Русија го спречила тоталниот распад на Турција со помошта што му ја дала на Ататурк. Се разбира се било од прагматични причини. Јас тебе злато, пари и оружје ти мене територии на Кавказот. Турција е членка на НАТО и тешко ќе може да води самостојна политика во однос на Русија. Иако во последно време нејзините односи со Западот се заладени, по неуспешниот пуч на војската, таа сепак ќе мора три пати да крои пред да пресече. Односите со Русија до пред извесно време беа на најниска граница, иако во последните години тоа беа две држави кои соработуваа и имаа стабилни односи. По настаните во Сирија и посебно по уривањето на рускиот воен авион односите практично беа замрзнати. Сега се зборува за затоплување, но едно е она што се зборува јавно, а друго е она зад затворени врати. Турција, низ изјавите на нејзините политичари во поддршка на Русија и нејзините потези, како да решила докрај да ги растури работите со Западот. Можеби тоа е тактика на одоброволување, но искусните дипломати знаат дека работите не се менуваат нагло за 24 часа. Што наумиле за Сирија двете земји уште не се знае, освен она што го зборуваат Турците дека со Русија и со Иран треба да се соработува на решавање на регионалните кризи. Што е реален факт. И Турција и Иран во своето минато имале големи меѓусебни проблеми. Иран не потклекнал пред Османлиите. Едните се шиити, другите сунити муслимани. Тоа имало одраз врз нивните односи. Но и двете држави знаат дека се меѓусебно зависни. Турција е коридор за Иран кон Европа, Курдите ги имаат и едните и другите и проблемите со нив. Иран е на страната на Сирија во сирискиот конфликт, а Турција е на другата страна.

И по сето ова сега се вели дека ќе се прави троен сојуз за Сирија! Ќе биде интересно да се видат резултатите од посетата на Ердоган на Иран. И дали потоа ќе се одржи средба на лидерите на трите држави. Фактот дека Русија и Иран беа првите држави кои го поддржаа Ердоган по несупешниот пуч е само мал знак дека тој би возвратил со голема благодарност. Оттука и скепсата дека ќе биде лесно да се осојузничат соседите.

Формирањето на таков сојуз за Запад, САД, би значело уривање на целиот западен концепт за решавање на сириското прашање. Овде би го цитирал Global Times, кој вели: „Ако ја зборуваме вистината, ситуацијата на Блискиот Исток се менува со вртоглава брзина и сега геополитичките интереси на Турција, Иран и Русија се простираат малку подалеку од тој регион. Ако кон ова се додаде проруската Сирија – тогаш се добива американска „ноќна мора“.“ Сигурно на Запад, па и во НАТО сега трескавично размислуваат за одговор на најавата за троен сојуз. Но повторно доцнат со идеите. Global Times за ова вели: „ Без оглед на тоа што Русија има големи економски тешкотии нејзината надворешна политика изгледа впечатливо. Едноставно во 21. век големите држави играат поинаку“. Настрана од ова, навистина економската криза во Русија е се повидлива за обичниот граѓанин. Но тоа е друга тема и бара посебно навраќање.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок