25 Април, 2024
0.0267

„Царот“ и „султанот“ се смирија!

Објавено во: Колумни 12 Август, 2016

Добивај вести на Viber

Главниот меѓународен настан неделава, средбата на рускиот претседател Владимир Путин со неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган беше во центарот на вниманието на целата политичка јавност во светот. Не само поради фактот што Ердоган доаѓа лично да му се извини на Путин за причините кои доведоа да заладување на односите меѓу двете земји,туку повеќе да се видат резултатите од таа средба. Посебно ова го интересираше Западот со оглед на промените што настанаа во Турција по неуспешниот пуч минатиот месец. Реториката меѓу Западот и Турција после неуспешниот пуч толку се заостри што многумина помислија дека е крај на сојузништвото и еве го Ердоган трча во прегратките на Путин. Но работите не се такви. И не можат да бидат. Во политиката води прагматизмот, а не чувствата. И токму затоа Путин и Ердоган се договорија да се сретнат и пред прво најавената средба на Самитот на Г-20 што треба да се одржи во Кина. И на двата лидера им беше од полза да се сретнат токму сега, а по некоја недела и во Кина. Таму ќе ги брусат договорите што ги постигнаа во Санкт Петербург, а секако ќе проговорат и за она што дефинитивно не го договорија. Ниту Путин, ниту Ердоган не се наивни и знаат дека довербата меѓу нив се уште не е вратена на она ниво на кое беше пред уривањето на рускиот СУ-24. „Заривањето на нож во грб“, како што Путин го нарече тој потег лесно не се заборава. За тоа ќе биде потребно да помине време. Тоа посредно го кажа Путин на прес конференцијата во Петербург, иако зборуваше за развојот на економската соработка меѓу двете држави. Тој ја цитираше руската поговорка: Кршењето не е градење, што значи лесно е да скршиш, но тешко е да градиш. И токму така во иднина ќе се одвиваат руско-турските односи. Во сенката на она што се случи на небото во бизина на сириската граница. Пред три недели на страниците на Фактор напишав дека „ Во играта со Русија влогот на Турција во неа е многукратно повисок. Тој ќе оди на „поклонение“ во Русија. Уште еднаш и лично ќе му се извина на Путин за се она што се случи околу соборувањето на рускиот воен авион. А рускиот претседател ќе сака да извлече максимална полза од сето тоа. Како економска, политичка и секако воена. Тоа нема да се случи преку ноќ, но Русите ќе сакаат работите да ги водат во таа насока. Ако може да се направи мала пукнатина во јужното крило на НАТО. Турција веројатно ќе се согласи и за соработка со Русија околу Сирија, дотолку повеќе што САД и Русија веќе договараат неков вид меѓусебна координација. Ердоган на пократок или подолг период ќе заборави на желбата за соборување на сирискиот претседател Башар ал Асад“. Резултатите од средбата на авторитарните лидери тоа го потврдуваат. Во прв ред она што ги спои нив се економските односи. Јасно е дека ќе се гради „Турски поток“, на со двојно намален капацитет од првобитно планираниот. Второ, Турција ќе направи се’, што побрзо Русите да почнат да ја градат атомската централа „Акуја“, инвестиција вредна над 20 милијарди долари. Русите ветија симнување на санкциите за увоз на турски стоки. Секако и намалување на ограничувањата за турските градежни компании. А најважно е што ќе се обнови чартер сообраќајот со кој милиони туристи доаѓаа на турското крајбрежје. Пред кризата размената меѓу двете земји беше речиси 35 милијарди долари годишно, а годинава во првите шест месеци изнесува само шест милијарди долари. Сето ова нема да се случи преку ноќ. Сигурно ќе има некој период на прилагодување од „шокот“ што го предизвика оваа средба. Но најважно е што е постигнат договор и има воља работите да се враќаат на предкризното време и да се надоградуваат. Индикативна е најавата за соработка во воената индустрија. Дотолку повеќе што Турција е членка на НАТО. Иако нема повеќе детали за неа, таа беше соопштена мошне гласно. Дали ова е докажување пред Алијансата дека може да се води и самостојна економска политика, иако се работи за воена индустрија?  Инаку Турција има своја развиена воена индустрија. А на Русија не и е на одмет ако може да продаде некоја воена технологија. Што е она за што не се договорија Путин и Ердоган? Сирија. Но се чини работите тука се придвижија. Дека Сирија ќе биде спорна точка на агендата на средбата се виде на прес конференцијата што ја даваа претседателите. На прашањето дали сириското прашање е разгледувано и дали е направена некаква „патна карта“ од двете земји за негово решавање, одговорите беа кратки. Ердоган  најави дека тоа прашање ќе се разгледува после пресот, а Путин, потврдувајќи дека за тоа не е разговарано, додаде дека има разногласија околу тоа прашање, но ќе се разговара во присуство на министрите за надворешни работи и претставниците на специјалните служби, ќе се разменат информации и ќе се бара решение. Тоа да биде прифатливо за двете страни. Дека работите се придвижени индиции дава изјавата на Турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу, кој ја повика вчера Русија на заеднички операции против групата Исламска држава (ИД) во Сирија. - Ги разгледуваме сите детали. Независно од кризата во односите со Русија, ние бараме заедно да се бориме против ИД. Сите знаеме каде се наоѓаат џихадистите, истакна Чавушоглу. Во исто време, турскиот амбасадор во Русија, Умит Јардим, како што пренесоа агенциите, изјави дека актуелното сириско раководство би можело евентуално да учествува во преговорите за решавање на кризата во Сирија. Тој објасни дека Анкара не е против сегашното раководство на Сирија, кое може да одигра голема улога во политичката транзиција. Ова е новината. Досега Турција не сакаше да чуе за сегашното сириско раководство. За неа Башар ал Асад беше најголемиот непријател. Доколку навистина се точни ваквите ставови, тогаш тоа значи дека и Турција се придружува кон земјите кои се откажуваат од условот Асад да замине, а потоа да се разгледува иднината на Сирија. Тоа е многу блиску до ставот на Русија за политичка транзиција во Сирија со Асад на чело на државата. Како на ова ќе реагираат државите од Западот кои се непомирливи кон Асад засега не е јасно. Барак Обама, американскиот претседател, пред извесно време повтори дека Асад мора да замине од власт. Сега ставот на Турција кардинално ги менува работите. Таа е еден од главните играчи во регионот и на мировните конференции за Сирија беше главен противник на било какво учество на Асад во решавањето на кризата. Згора на тоа изјавата за заеднички операции на Русија и Турција против ИД значи дека утре, другиден, авионите на двете земји заедно ќе ги напаѓаат позициите на исламистите во Сирија. Ова не можеше да се замисли до пред некој ден. Дали треба да се бара победник или поразен по средбата во Санкт Петербург? И овде се јавува прагматизмот. А тој вели дека нема победени или поразени. Кога се во игра интересите на државата се гледа дали резултатот одговара на нив или не. Фактот што Турција барала примирје на билатерален план не значи ништо, иако гледано од подалеку Русите ги сметаат за победници. А тие што гледаат од подалеку веќе зборуваат за  „Голем ѕид од диктатури“ од Поларниот круг до Голанската висорамнина кој за долго ќе ги изолира САД од Блискиот Исток и Црното море. Или пак, дека нормализацијата на односите меѓу Русија и Турција по девет месеци антагонизам е неочекувана и предизвикува тревога на Западот. Се зборува и за триумвират Русија, Иран и Турција. Ако ова се реализира, тогаш може да се каже збогум на идеите на Збигњев Бжежински, еден од креаторите на американската надворешна политика, за влез во стомакот на Русија, Средна Азија. Дали има место за тревога? Турција е дел од НАТО и сигурно нема да ги урне моствите градени пред повеќе од 60 години. Да, секако затоплувањето со Русија ќе ги разбранува малку работите во Алијансата. Но можеби тоа е и целта на Ердоган. Наредниов период ќе треба да се пазари и со ЕУ. Турците се лути и на НАТО и на САД и на ЕУ. Американците во првите моменти на пучот млитаво реагираа, како да очекуваа да ја видат разврската од него. Европјаните исто. И едните и другите го обвинуваа Ердоган за апсењата на десетици илјади луѓе. Турскиот претседател праќа ултиматуми до САД – Бирајте или ние или Фетула Ѓулен! Работите можеби ќе станат појасни на 24 месецов. Тогаш во  Турција треба да допатува првиот висок западен политичар, по несупешниот пуч, американскиот државен секретар Џон Кери. Да видиме со која порака ќе дојде, а со која ќе замине. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД