16 Април, 2024
0.0232

ЦЕНИ: Месо ќе јадеме само за празник!

Објавено во: Агробизнис 02 Октомври, 2012

Добивај вести на Viber

Сушата што годинава ја зафати земјава почна да го зема данокот. Први на удар се сточарите, бидејќи сушната година  придонесе за намалување на приносите од основните култури кои се употребуваат за добиточна храна, што пак влијаеше и врз драстично зголемување на цената за околу  60%.  Пченката и јачменот кои лани сточарите ги купуваа по 12 денари за килограм, сега ги плаќаат по 19 денари за килограм, а за околу 80% е зголемена и цената на сојата и луцерката. Според пресметките на стoчарите, со сегашните цени на житариците, килограм концентрат сега ќе ги чини 30 денари. Најпогодени се одгледувачите на свињи, кои  веќе стравуваат дека енормното поскапување на добиточната храна е само почеток на една кризна година. - Ние веќе трпиме загуби, и ако продолжи вака ќе бидеме принудени да го намалуваме добиточниот фонд, ќе се соочиме со масовно колење на добитокот и затворање на фармите. Дел од одгледувачите на свињи веќе почнаа да ги колат малите свињи што не ги задоволуваат стандардите. Со сегашните цени загубата по грло ни е 2.000 до 2.500 денари, вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци На алармантната состојба што му се заканува на македонското сточарство предупредуваат и експертите, кои советуваат што побрзо Владата да интервенира со мерки за спасување на сточарите. - Ваквата ситуација се должи не само на сушата што го зафати целиот регион туку и на неадекватната распределба на земјиштето, земање субвенции за неподигнати култури, мали површини со фуражни култури, невложување во капитални инвестиции. Сметам дека треба да го употребиме хрватскиот модел на субвенционирање, односно да се стимулираат вистинските земјоделци и да се настојува кон окрупнување на земјиштето, само така ќе имаме поефикасно и продуктивно производство на добиточна храна и ќе го намалиме увозот на храна за добитокот, вели професор д-р Татјана Прентовиќ, од Факултетот за земјоделски науки и храна Недостигот на добиочна храна, ќе ги поскапе и финалните сточарски производи, месото, јајцата и млекото. Проценките се дека цената на свежото свинско месо  ќе се зголеми за 15 %, па така килограм свежо свинско месо наместо по сегашните 315 денари ќе се продава по цена од 350 до 360 денари за килограм. Дел од познавачите во бизнисот со месо, дури предупредуват дека вака високите цени ќе се задржат подолг период, па месото на трпезите може да стане и луксуз. Затоа и сточарите решението за ваквата состојба не го гледаат во поскапувањето на цените на сточарските производи, стравуваат дека во период на зголемена сиромаштија, тоа  ќе придонесе за намалување на куповната моќ на потрошувачите. Одгледувачите на свињи апелираат Владата што побрзо да ги отвори стоковите резерви, бидејќи во спротивно сточарското производство трајно ќе се уништи. - Мора најбрзо што може да се отворат стоковите резерви и да се набави поголемо количество храна, секако по прифатливи цени, не по сегашните. Исто така да се намали и ДДВ-то за добиточна храна од 18 на 15%, објаснува Шаклев Интервентната мерка со која што преку стоковите резерви сточарите ќе имаат можност да купат житарки за добиточна храна, Владата ја најави уште на крајот на август годинава, но досега сеуште вратите на стоковите резерви не се отворија. Од Владата, велат дека ресорното министерство е задолжено за следење на состојбата со цените и недостигот од добиточна храна. Доколку министерството утврди дисбаланс на пазарот, тогаш треба да достави предлог за надминување на кризата, па потоа Владата да донесе одлука. Засега и покрај апелите на сточарите дека на сточарството му се заканува колапс, се уште нема конкретна одлука од министерството за земјоделство. - Во овој момент цената е битна, но најважно е обезбедувањето на доволни количества добиточна храна за задоволување на пазарните потреби, а тие количества треба да се обезбедат од увоз. Ја разгледуваме можноста за излегување во пресрет на барањата на сточарите, со цел да се задоволат нивните потреби, објаснуваат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. Вкупните потребите за добиточна храна во земјава се движат од 200.000 до 220.000 тони на годишно ниво. Од нив околу 130.000 до 150.000 тони се зрнеста добиточна храна. Најмалку 80.000 тони или околу 65% од потребите за добиточна храна се покриваат со увоз,  само 35% се од домашно производство,  а во сушни години и помалку.    

Можеби ќе ве интересира

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

СТОЧАРИТЕ НУДАТ ПЛАТА ОД 1.000 ЕВРА: Албанија е последната станица за наоѓање овчари

ПОВЕЌЕ ПИПЕРКИ, А ПОМАЛКУ ДОМАТИ НА МАКЕДОНСКИТЕ НИВИ: Зошто земјоделците ги намалуваат дел од културите?

ПОВЕЌЕ ПИПЕРКИ, А ПОМАЛКУ ДОМАТИ НА МАКЕДОНСКИТЕ НИВИ: Зошто земјоделците ги намалуваат дел од културите?