19 Април, 2024
0.0241

Туристичкиот БОН – ТОН, мисловна именка на македонскиот туризам!

Објавено во: Колумни 23 Август, 2013

Добивај вести на Viber

Насмевката, љубезниот тон, милниот поглед и убавиот збор секогаш привлекуваат, мамат и ќе го натераат и песимистот, намрштениот и скептикот барем за миг мускулите на нивните лица да добијат позитивна конотација, Лошиот збор, грдите гримаси, нељубезноста во понудувањето и укажувањето, погледот кој ја открива целата ленштина и мрзоволност на оној чиј гостин си ќе придонесат дури и оптимистот, алтруистот и космополитот да се почуствуваат неудобно, да посакаат што побрзо да ги заборават лицата на тие луѓе. Двете спротивни страни на угостителите, две дијаметрално различни примери на угостување и понудување, дистинкција која може да ја сретнете во секое туристичко место и врз основа на тоа да направите разлика помеѓу добро и убаво понуденото и лошо и грдо спакуваното. Дали кафето и сокот на струшкото крајбрежје се поневкусни и понеквалитетни бидејќи се дупло поевтини од кафето и сокот на охридското крајбрежје? Туристичкиот БОН - ТОН можеби пресурово ќе звучи ако кажам дека е мисловна именка за македонскиот туризам, но сепак поголемиот број на вредности кои се највисоки на вредносната скала на туристичкото убаво однесување се далеку од вистинските аспирации и идеали на македонските угостители. Честопати сведоци сме на критики кои што се упатени кон оние кои што ги нудат туристичките услуги и тие критки некогаш лично ги сфаќаме дека се насочени кон истакнување на негативистичкиот аспект на туризмот во нашата ни мила држава, но ако малку ја занемариме субјективноста и изнедриме од нашите мисли и размисли малку пореалистична слика ќе сфатиме дека дел од тие критики се објективни. Не треба да одите подалеку и да правите некое лонгитудинално истражување едноставно доволно е да направите една обиколка низ популарните, признати и познати македонски туристички меки и ќе ги увидите сите потешкотии во одредени случаи и небулози со кои се соочува туристот кој решил дел од своите финансии наменети за одмор и уживање да ги потроши во нашата држава. Прашања кои што неминовно се наметнуваат, а кој што си ги поставува секој граѓанин кој што некогаш се соочил или индиректно слушал за низата неугодности со кои се соочиле туристите се следниве: Која е причината за некогаш нереалното прикажување на она што се нуди од аспект на покажување на повисоки стандарди, а реално полоша понуда? Зошто цените на производите и услугите, посебно во бараните туристички дестинации кои се убави, интересни и примамливи за туристите секогаш одат енормно нагоре за време на туристичката сезона? Дали кафето и сокот на струшкото крајбрежје се поневкусни и понеквалитетни бидејќи се дупло поефтини од кафетот и сокот на охридското крајбрежје? Дали може да говориме за привилегирани градови, за места кои упорно се форсираат и за објекти туристички кои можеби ја немаат таа бесценета вредност, но упорно се преферираат? Суштината на добриот и квалитетен туризам е вистинското и правилно менаџирање Уште многу прашања слични на горе споменатите, во чиј центар ќе стојат туристичките услуги, бенефитите од туризмот, туристичките понуди и самите угостители постојано си ги поставуваме, но за жал, во најголем број случаи, остануваме неми односно немаме соодветен одговор. Низа примери ни покажуваат и докажуваат дека одредни туристички понуди и угостители не само што не ја менуваат свесноста и лошите навики за неубавите постапки и некогаш дури и арогантното и дрско однесување кон туристот, напротив продолжуваат со истите обрасци на однесување и понатаму. Суштината на добриот и квалитетен туризам е вистинското и правилно менаџирање и можноста и умеењето и знаењето на оние кои се компетентни признати и познати за таа цел на најсоодветен и најдобар можен начин да ги срочат квалитетно понудите, да го изделат она што е најдобро и најпретставително, да го прикажат на соодветен начин богатството и убостите на нашата ни мила држава и сето тоа спакувано да го изреализираат на продуктивен начин. Бенефит од тоа ќе има и индивидуалните туристички работници, но и секој граѓанин на оваа држава. Лиценцирање, професионализам, а не аматеризам на туристичките работници Како патриот и родољубец кој вистински си ја сака сопствената држава се згрозувам кога ги гледам рекламите кои што монструзно покажуваат на нељубезни, дрски, на моменти и вулгарни туристички понуди, реклами кои можеби сакаат да ја доловат поентата и сликата и потребата да се нешто инвестира и промени во туристичките понуди и однесувања, но тие се направени на многу погрден начин и токму го постигнуваат обратниот ефект - деградирачка слика за македонскиот туризам. Начини и идеи дури и да се сфати на ниво на националната програма за развој на туризмот има, но сето тоа се прави на мошне пософистициран начин и со тим на кадри кои поседуваат компетенции сето тоа одлично да го срочат. Првенствено почнувајќи од законско регулирање на туристичките понуди и побарувачки преку почитување на принципот на награда и казна, во смисла на стимулирање на оној кој што е честопати пофален, но и казнување на оној кој што е чсто критикуван. Максимално вложување и инвестирање во природните убости кои ја красат нашата земја и одржување на обуки на лица кои се заинтересирани, но и знаат, умеат и можат да се занимаваат со туризам. Лиценцирање, професионализам, а не аматеризам на туристичките работници и чести контроли на оние кои што нудат соодветни туристички објекти или водичи на туристички групи. Сето ова може да се постигне секако доколку постои воља, потреба и желба, да се инвестира во туризмот, бидејќи иако сме мала земја, раритените убавини, како Струга, Преспа, Охрид, Малешевијата, местата во Пелагонија, струмичкиот регион и уште многу други се вистински раритети и бисери на Балканот. Политиката треба да се тргне надвор од преферирање или давање предност на одредени места за сметка на запоставувањето на други, бидејќи секоја природна убавина си има своја бесценета вредност и е вредна по себе и за себе и таа вредност не треба да се маргинализира, туку потенцира и истакне. Да се сака сопствената држава, значи да се вложува во неа, да се истакнуваат нејзините убавини и секој случаен добронамерник да се однесе барем на едно место кое душата ќе му ја разгали и емоциите ќе му ги оплоти. Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова Институт за социологија Филозофски факултет Скопје

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок