Турската артилерија гранатира дел од Сирија
Објавено во: Балкан 19 Јануари, 2018
Турција денеска почна со гранатирање на регионот Африн во северозападна Сирија.
Со ова Анкара и официјално ја почна кампањата против курдската милиција во ова подрачје, јавуваат светските агенции.
Засега нема жртви, но има материјални штети.
Курдската команда соопшти дека турските сили истрелале околу 70 гранати на курдските села.
Прекуграничниот напад следи по неколкудневните закани на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган дека ќе ја „скрши“ курдската милиција како одговор на, како што тврди Анкара, зголеменото влијание на Курдите во северна Сирија.
Турција ги смета паравоените групи на сириските Курди како продолжена рака на курдските бунтовници кои се борат против Турција и веќе најави дека ќе ја нападне енклавата Африн.
Ројхат Рој, портпарол на курдската милиција во Африн изјавил дека станува збор за најтежок напад на Турција, но дека курдските единици ќе одговорат со сите расположливи сили.
Воената операција на Турција против Курдите се заканува дополнително да ги наруши односите со САД кои ги поддржуваат Сириските демократски сили (СДФ), во кои курдските единици имаат клучна улога. Сириските демократски сили пред неколку месеци ги поразија милитантите на „Исламска држава“ и ги истераа од нивната престолнина во Рака.
Американскиот Стејт департмент ја повика Турција да се фокусира на борбата против „Исламска држава“ и да се воздржи од воени операции во Африн.