19 Април, 2024
0.0247

Турскиот „султан“ прати писмо до рускиот „цар“

Објавено во: Колумни, Свет 16 Јуни, 2016

Добивај вести на Viber

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган очигледно е свесен што му се случува и дека темни облаци се надвиснуваат над него, а поради тоа и над Турција. Во понеделникот проговри дека е разочаран од неговите односи со лидерите на САД и Русија. И веднаш во вторникот, ново изненадување. Турскиот „султан“ прати писмо до рускиот „цар“. Ердоган седна на маса и напиша писмо до Владимир Путин во кое го честита националниот празник на Русија. За односите со Обама Ердоган во понеделникот  зборуваше дека не се оствариле очекувањата и надежите кои се појавиле кога Обама ја избра Турција како прва земја за посета по неговиот избор за претседател на САД. Економските односи со САД се во опаѓање, а разногласија има и околу американската поддршка на вооружените сириски Курди кои за Турција се терористичка организација. Што се однесува до разочарувањето од односите со Путин, Ердоган изјави дека „пријателството со Путин ги крена односите на многу високо ниво“, но според него се се променило кога турскиот ловец го урна рускиот авион Су-24. Ердоган изјави дека трговската размена со Русија била поголема отколку со САД и се планирало та да достигне до 100 милијарди долари годишно. „Се надевам дека заемните односи  сокоро ќе се обноват и дека ние ќе се вратиме кон старите времиња уште посилни“, изјави Ердогнан во понеделникот. И еден ден потоа стигна писмото. "Многупочитуван господине претседател! Од името на целиот турски народ преку Вас им го честитам на сите Руси Денот на Русија, а исто така, сакам во иднина односите меѓу Русија и Турција, да се најдат на заслуженото ниво“, пишува Ердоган, а пренесуваат агенциите. Слично писмо прати и турскиот премиер Бинали Јилдирим до неговиот руски колега Димитриј Медведев со надеж дека „ во времето што претстои соработката и односите меѓу двете држави ќе го достигнат нивото, кое е неопходно за заедничките интереси на нашите наороди“. Во случаи кога односите меѓу некои земји се затегнати, како што е меѓу Русија и Турција, ако лидерите не се „мирисаат“ обично честитките можат да бидат испратени до, да речеме „целиот руски народ“. Ердоган очигледно сака да направи реверанс во однос на Путин и му ја адресира честитката лично нему. Од страна на рускиот претседател засега нема одговор, а од неговиот кабинет каде што велат дека честитката е испратена по канали на Министрството за надворешни работи. Очигледно е дека на Ердоган многу му значело писмото испратено по дипломатски канали да добие гласност. За тоа зборува и фактот што први за него дознаа соработниците на Ројтерс од Турција, кои се повикаа на лица запознати со писмото. Кои се причините за потегот на Ердоган? Прво, тој е сардисан од сите страни. Американците му се лутат од многу причини. Една, е улогата на Турција во конфиктот во Сирија. Очигледно и ним им стана јасно дека Турција е вмешана до појас во војната. Не само со трговијата со нафта, туку и со оружје и лица кои треба да се борат против силите на сириската армија, но и нападите против американските „сојузници и надежи“ во војната против ИД -  вооружените сириски Курди. Европската Унија ја засилува реториката. Таа вети дека ќе го олесни патувањето на Турцитеа во Европа, дека ќе ги забрза интегративните процеси и дека  дека ќе даде шест милијарди евра за справување со бегалските бранови. Европа дава, но и бара. Да се укине антитерористичкиот закон, под чија сенка се водат борбите против Курдите во Турција, како и десетици услови за укинување на визите.Исто така во Европа веќе се формираат политички групи кои се подготвуваат за активности „ За Турција без Ердоган“ А барањата на Русија можат да се сведат во една реченица. Ердоган да се извини за уривањето на рускиот авион. А дотогаш на сила ќе бидат санкциите и преземените мерки од кои Турција губи милијарди долари. Што од туризмот, што од забраната за увоз на турски прехранбени производи, што од намалувањето на градежните работи на турските компании ширум Русија. При неодамнешната посета на Грција Путин изјави дека Русија сака да ги обнови односите со Турција и чека конкретни чекори, но нив ги нема.„Ние слушавме објаснувања од турските власти, но не чувме извинување“, рече Путин во Атина. Кон крајот на мај Ердоган изјави дека не разбира каков прв чекор чекаат од него. „Ние не сме држава која седи на обвинителна клупа. Не сакаме да се караме со Русија....Со Путин бевме пријатели и кога заради пилотот кој направи грешка или по некоја друга причина жртвуваат таква голема земја како Турција – тоа не тера да се замислиме. Мислам дека треба да направиме напори за одново да ги изградиме односите со Русија. Јас сакам колку што е можно побрзо да го надминеме тој проблем“, изјави тогаш Ердоган. Турскиот министер за надворешни работи предложи и формирање на заедничка работна група, на која ќе се разгледуваат идните чекори на двете земји. Очигледно е дека на Ердоган не му е лесно. Му се удира од глава неговата политика на „неоосманизмот“. И не само тоа. Внатрешната ситуација во земјата постојано се влошува. Економијата е во голем пад. Неговите апсолутистички намери раѓаат отпор во државата. Судирите со Курдите можат да прераснат во отворена војна внатре во земјата. А, ако на тоа се додаде факторот ИД, тогаш таквата опасност само се зголемува. Затоа и не изненадува писмото до Путин. Останува уште извинувањето до Русија. Како тоа да го направи Ердоган? Еден руски член на Советот на Федерацијата како да го кажа очекувањето на Русите. Според него, турскиот претседател Ердоган лесно може да ја поправи ситуацијата, “нека настапи на националната телевизија и да побара прошка од Русите за се што се случи“. Веројатно токму ова го чека и Путин. Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок