Турските власти му дишат во врат на напаѓачот од ноќниот клуб
Објавено во: Балкан 02 Јануари, 2017
Турските власти се блиску до целосното идентификување на напаѓачот, кој изврши вооружен напад во Истанбул во ноќен клуб, при што во текот на ноќта на Нова година беа убиени 39 лица, а десетици луѓе беа повредени.
Ова го соопшти турскиот вицепремиер и владин портпарол, Нума Куртулмуш, цитиран од агенциите.
Има информации за отпечатоци и изгледот на терористот. Во процесот, кој ќе следи, ќе биде извршена работа за брза идентификација, рече Куртулмуш.
Според зборовите на вицепремиерот јасно е дека воената операција на Турција во Сирија ги налути терористичките групи и оние кои стојат зад нив. Офанзивата сепак ќе продолжи се додека сите закани за Турција бидат отстранети, посочи Куртулмуш.
Анкара испрати тенкови и специјални сили во Сирија, за да ги тргне борците на „Исламска држава" од границата и да не дозволи на курдските борци да го заземаат нивното место.
Според Куртулмуш исто така има значителни разлики меѓу нападот на 1 јануари и претходните напади во Турција. Според него, нападот бил извршен за да создаде поделби во турското општество.