Туск и Европа имаат решение за бегалската криза ... но ќе го кажат во декември
Објавено во: Свет 20 Октомври, 2016
Во декември Европската унија ќе биде подготвена да претстави компромисни предлози за излез од миграциската криза, изјави претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, цитиран од агенциите. Според него предлозите ќе ги „прекинат сите овие дискусии за притисок, за отсуство на солидарност“.
„Ние ќе најдеме решение, благодарение на кое сите ќе бидат подготвени да помогнат за решавање на миграциската криза, но не преку сила“, посочи Доналд Туск пред почетокот на самитот на ЕУ во Брисел.
„Сега нема ентузијасти на решението некој да биде натеран да прифати миграциски квоти, но сите треба да покажат солидарност и да нудат едни или други форми на помош“, истакна полскиот лидер на ЕУ.
Покрај тоа Доналд Туск предупреди дека трговскиот договор меѓу Канада и ЕУ може да е последниот за блокот, ако Белгија не успее да го одобри. Договорот, познат како СЕТА, „би можел да биде нашиот последен договор за слободна трговија, ако не сме способни да ги убедиме луѓето дека преговараме за да ги заштитиме нивните интереси“.
Во врска со конфликтот во Сирија Туск изјави дека ЕУ треба да ги задржи отворени сите свои можности за справување со Русија, вклучувајќи санкции ако земјата продолжи со своите „злосторства“ во Алепо. „ЕУ мора да ги држи сите можности отворени, вклучувајќи и санкции, ако злосторствата продолжат“, рече претседателот на Европскиот совет.