20 Април, 2024
0.0252

Убиството на рускиот амбасадор одново ги зближува Русија и Турција!

Објавено во: Колумни 23 Декември, 2016

Добивај вести на Viber

Дали треба да се убие амбасадор за да се зацврсти прегратката на едни од главните актери во играта околу Сирија, Русија и Турција? Во понеделникот што измина во Анкара беше убиен рускиот амбасадор Андреј Карлов. Очајник или заговорник, беа првите препоставки за убиецот, младиот полицаец, кој ладнокрвно истрела дузина куршуми во грбот на амбасадорот.

Ова не е првоубиство на руски амбасадор. Првото е во 19 век, поточно во јануари 1829 година, кога во Техеран беше линчуван, заедно со триесетина други работници во амбасадата, познатиот руски поет и драматург, но и голем дипломат, амбасадорот Александар Грибоједов. Истокот како да е фатален за Русите. Грибоједов бил нападнат од толпа верски фанатици, наводно, дека не ги почитувал локалните верски канони. Стотици илјади протесирале пред амбасадата со денови, но еден ден дел од толпата влегол во неа и ги масакрирала руските поданици. До непропрепознатливост. Според некои извори, во ова биле замешани и англиски дипломати, кои ширеле омраза кон Русите во „големата игра“ на соперништво меѓу Двете империи, околу ширењето во Азија.

За убиството на Карлов веќе се води истрага, но иако таа ќе потрае,и Русија и Турција зборуваат за терористички акт. Никој да не се наоѓаше во кожата на турскиот претседател таа вечер. Таман почнаа да се средуваат руско-турските односи по соборувањето на рускиот воен авион и по преживеаниот пуч, кога Владимир Путин прв му даде поддршка на својот турски колега, Ердоган одново се најде во небрано. Но, тој, за разлика од потпалувачката тирада по соборувањето на авионот, овој пат, ја крена слушалката каде што треба, а не како во случајот со авионот кога се јави во НАТО и САД. Се јави кај Путин и изрази сочуство и додаде дека тоа што се случи е напад и на Турција, дека станува збор за терористички акт и дека ќе се истражи. Договорена беше и заедничка комисија која ќе ја води истрагата.

Човек да не го препознае Ердоган. Преде као маче. И треба. Одговорноста за убиството на дипломатот лежи врз земјата домаќин. Тоа е голем удар пред се за неа. А веројатно и влогот во играта е голем. Русија и ги отвори вратите на Турција во Сирија. Да не беше тоа досега Курдите ќе ја заземеа цела северна Сирија. Русија донесе пакет одлуки кои го потпомогнуваат турското стопанство. Русија ги зближува Турција и Иран. Што мораше да направиТурција за возврат? Да се откаже од идејата за соборување на Асад. Да помогне индиректно во преземањето на Алепо од страна на сириските воени сили.Да ја потврди главната улога на Русија таму. Таква е реалноста. Ако сакаш да останеш во игра мора да се приклучиш кон некого. А најдобро е да се приклучиш кон главниот играч на теренот, а тоа е Русија. Не помал во Сирија е и Иран, чии воени сили на копно, заедно руски во воздух и сириски на копно и воздух, ја зацврстија позицијата на сирискиот претседател Асад. Всушност сега може да се зборува за „тројка“ која координирано дејствува на военото поприште во Сирија. И таа станува се погласна.

Можеби убиството во понеделникот требаше да ја одложи закажаната за вторник средба на министрите за надворешни работи на Русија, Турција и Иран, Сергеј Лавров, Мевљут Чавушоглу и Џавад Зафир. Но тројцата се најдоа во Москва. По разговорите Лавров изјави дека за решавање на сириската криза „најефикасен е форматот што гог ледате, тоа не е обид да се фрли сенка врз напорите на сите други наши партнери, тоа е констатирање на факт“. Според него форматот во „тројка“ ја докажува својата потребност со практични дела. Рускиот министер за надворешни работи смета дека од мај наваму другите формати, како Меѓународната група за поддршка на Сирија, па и ОН,  практично не биле активни.Тројцата министри во вторникот усогласија и заедничка изјава за политичкиот процес во Сирија, за негово оживување со цел да се прекине сирискиот конфликт. Трите земји се подготвени да бидат „гаранти на документ кој се подготвува за договор меѓу владата на Сирија и опозицијата“. Истиот ден и рускиот министер за одбрана најави дека експерти подготвуваат документ наречен „Московска декларација“ во кој се содржат итните чекори за унапредување на решавањето на сириската криза.Веќе има и конкретни предлози за местото каде што треба да се оживее политичкиот процес. Тоа е Казахстан, веројатно главниот град Астана. Таму да се соберат и сириски владини преговарачи и од сириската опозиција. Американците веќе бараат информации од Русија за овие намери. 

Ако за момент се навратиме на Збигњев Бжежински и неговата „Голема шаховска табла: Господството на Америка и нејзините геостратешки императиви“ многу работи во сегашната игра стануваат појасни.Според него оној што е главен на Евроазискиот континент фактички е главен во целиот свет, и смета дека најважна стратешка цел на САД е да го распространат своето влијание во Централна Азија (Стомакот на Русија) и на постсоветското пространство ( во прв ред на Русија која зазема најголема површина на тоа пространство). Од 1997 година, кога е напишана книгата, работите многу се изменија и се јавија нови играчи на светската сцена. Но фактот за улогата на Централна Азија не го губи своето значење. Токму на таа карта игра и Русија и нејзините напори се свртени кон тој дел од светот. Па неслучајни се и Евроазискиот економски сојуз и други воени и цивилни асоцијации во тој дел од светот кон кои се приклучуваат и други земји, пред се Кина, Индија...

Сигурно е дека Москва сака кон евроазиските интеграции да ги привлече и Иран и Турција. Но тука работите ќе одат потешко, бидејќи Турција е членка на НАТО. Веројатно таа ќе се обидува својата важност, пред се,геостратешка, да ја користи во пазарењето за наклонетост кон неа. Но дали може да се седи на две столици? Засега како што одат работите, со односот кон неа на ЕУ и САД, не е исклучено Ердоган својата блискост со Русија, која нема да му прави проблеми, да ја искористи за зацврстување на власта, за конечна пресметка со воените и полициските структури кои не му се до крај наклонети. Впрочем фактот дека убиецот на рускиот амбасадор е припадник на полицијата доволно зборува дека безбедносниот систем во државата се’ уште не е консолидиран. Дали блискоста ќе ја искористи и за нешто друго ќе покаже развојот на настаните во блиска иднина. Многу брзо ќе бидеме сведоци на заеднички потези на „тројката“. Исто онолку брзо колку што тие од „непријатели“ на теренот станаа фактор кој вели дека ќе гарантира мир во Сирија. За тоа беа потребни неколку месеци. Од јуни наваму.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок