28 Јули, 2017
0.2176

Украина во тесно

Објавено во: Колумни 14 Јули, 2017

Не и е лесно на Украина. Од една страна сепаратистите во Доњецк и Луганск, од друга страна домашните радикали и неопходноста во кардинални реформи кои го зголемуваат незадоволството кај народот. Од трета, ЕУ со сомнежот дека Украина искрено сака да се приклучи кон  Унијата и најново – Украина се мешала во американските избори!

За првата болка лек барем засега нема. Минските договори се „замрзнати“ и прашање е дали и кога ќе се одмрзнат. „Нормандската четворка“ практично е без работа. По некој телефонски разговор и најава за лидерска средба, ама како што стојат работиве до изборите наесен во Германија тешко дека ќе се случи нешто што ќе ги пројасни работите. Ново е назначувањето на специјален американски пратеник за Украина, Курт Волкер, поранешен амбасадор на САД во НАТО. Но и нему ќе му треба време да ги проучи состојбите. Исто како што ги проучува и американскиот министер за надворешни работи РексТилерсон кој неодамна беше во посета на Киев.

Нова светлина врз состојбите фрла неодамнешната посета на американскиот претседател Доналд Трамп на Полска и учеството во Самитот на Г20 во Хамбург. Еден украински дипломат од овие настани извлече заклучок дека „ако се гледа на искажувањата на Трамп и Тилерсон, очигледно е дека тие се запознаваат со ситуацијата, ја проучуваат, но се’ уште не навлегле во неа“. Според него Американците веќе имаат идеја, во чија суштина е преку Украина да ја фатат Русија за „деликатно место“, а преку Варшава да ја фатат за истото место и Европа. Можеби, на прв поглед, ваквото гледање на работите е желба на дипломатот ЕУ и Русија да бидат фатени за „деликатно место“, но во Украина такво е расположението на целата политичка елита.

Вчера во Киев заврши Самитот Украина-ЕУ, а украински медиуми веднаш излегоа со наслови : Скандал на Самитот Украина-ЕУ: Важната изјава ја фрлија во ѓубре. Станува збор за завршната декларација од Самитот, која веќе беше подготвена од амбасадорите, но рачна кочница кренаа некои членки на ЕУ, а се споменуваат Холандија, Франција и Германија. Навистина многу ретко се случува на вакви собири да не се донесе завршен документ, но ниту ЕУ, предводена од Жан-Клод Јункер и ДоналдТуск, ниту украинскиот претседател Петар Порошенко, не сакаа да попуштат. Па најлесно е да не се носи никаков документ. Немаш документ, немаш проблем. Како беше кај Сталин „Немаш човек, немаш проблем“.

 Домаќините настојувале во заедничката декларација да стои фразата од Спогодбата за асоцијација на Украина кон ЕУ, според која „Европската Унија ги признава европските стремежи на Украина и го поздравува нејзиниот европски избор, во тие рамки, и нејзините обврски да гради развиена и стабилна демократија и пазарна економија“. 

Но некои европски партнери да стават и некакви ограничувања за Украина, па така изостанал целиот документ. Ова е редок случај, но и јасен став на Европа кон Украина. Впрочем ЕУ повеќе пати го повикува Киев кон вистински реформи во повеќе области, во борба со корупцијата, но сето тоа останува без резултат. Можеби се навестува и криза во меѓусебните односи, можеби ЕУ се сомнева дека Украина искрено сака да се приклучи кон Унијата. Знаејќи дека таа генерално ја поддржува Украина може да се зборува за попате нконфликт кој на подолг рок би бил надминат. Но тоа ќе значи и завлечкување на други работи во соработката со Унијата, на пример разна материјална помош, поддршка во поглед на односите со Русија што би ескалирало со повик и Украина да си го заврши својот дел од обврските што произлегуваат од Минските договори, бидејќи засега главниот притисок е врз Русија.

И додека Украина сега ќе мачи мака да ја сведе на нормалност соработката со Унијата, од другата страна на Атлантикот задуваа ветришта кои не се знае дали наскоро ќе престанат. Во американските претсеателски избори не се вмешувале само мрзливите!Како викаше Трамп за хакерските напади за време на изборната претседателска кампања? „Можеби се Русите, можеби се и некои други“. Деновиве испливаа Украинците, но не со хакерски напади, туку со отворена поддршка на Хилари Клинтон и Демократската партија за да се најде руска трага во штабот на Трамп. А дали е тоа мешање во изборите?

Се почна по еден текст во Politico во кој се тврди дека Обидите на Украина да го саботираат Трамп и наштетиле на неа самата. Па прашањето се отвора и во Сенатот. Критички настроените сенатори кон Русија, сега го испрашуваат новиот кандидат за раководител на ФБИ, Кристофер Реј, дали знае за такво нешто, а тој вели дека не знае, но ќе се зафати со тој проблем. А дека е сериозен проблем потврди деновиве и прес-секретарот на Белиот дом, Сара Сандерс, која изјави дека Демократската партија се обраќала во украинската амбасада во Вашингтон за време на претседателските избори во 2016 година. Според неа Украинците им помагале на партиските приврзаници на Клинтон во собирањето на информации за политичките противници од Републиканската партија.

Фактот дека Украинците навиваа за Клинтон на изборите, бидејќи Трамп тогаш даваше благонаклони изјави за Русија и Путин се потврди по обнародувањето од Демократската партија документи со кои се потврдуваше дека тогашниот прв човек на изборниот штаб на Трамп, Пол Манафорт, бил советник на украинскиот претседател Виктор Јанукович, кој во 2014 година, по пучот во Украина пребегна во Русија. Тие документи дадоа резултат. Манафорт го напушти штабот на Трамп. Се чини дека Трамп нема да го користи овој факт за украинската поддршка на Клинтон за некаква осветољубивост кон Украина. Нејзината власт и онака со срце и душа е за САД, а со тоа на Трамп му се олеснети работите околу неговите намери кон Украина. Сега тој ќе сака да го намали товарот што врз него го ставаат за некаква руска врска во неговиот избор за претседател. Еден вид дуел меѓу неговата администрација и демократите. Што ќе зборува за се’ уште незавршената битка започната во предизборието во 2016 година.

А што ќе биде со Украина? Тоашто и досега. Таму мора да се направат коренити промени во власта. Дали со нов Мајдан? Не е неопходен, но е можен, бидејќи сегашната власт не е ништо помалку корумпирана од онаа на Јанукович. Народот постојано осиромашува, реформите никако да тргнат... Разликата е само во тоа што Јанукович сакаше да седи на два стола, ЕУ и Русија, а Порошенко е јасно определен за Западот. Исто така  битен е и фактот дека сега власта во Украина ја нема контролата врз целата држава. Таа се наоѓа во тесен простор и нема многу можности за маневрирање. А времето работи против неа.

Мирче Адамчевски

Можеби ќе ве интересира

Американски предизвик

Американски предизвик

HISTORIA EST MAGISTRA VITAE

HISTORIA EST MAGISTRA VITAE

Ред се редат нашиве во Русија

Ред се редат нашиве во Русија

Охрид со судбина на кохабитација - Што ќе договорат Заев и Бакрачески

Охрид со судбина на кохабитација - Што ќе договорат Заев и Бакрачески