28 Март, 2024
0.0238

Украинците се изморени од револуции

Објавено во: Колумни 25 Ноември, 2016

Добивај вести на Viber

Понеделников што измина, 21 ноември, во Украина се одбележуваше Денот на достиинството и слободата, посветен на настаните од 2013 година кога почнаа протестите на Плоштадот на независност во Киев. Тогашните настани се попознати како „Втор Мајдан(плоштад)“. Првиот беше во 2004 година, и е попознат како „портокалова револуција“.

Во ноември 2013 година украинската власт беше исправена пред изборот Русија или ЕУ, откако претходно ЕУ не се согласи со барањето на Украина „и ЕУ и Русија“ во еден преоден период. Според тогашните анализи на украинската влада беше донесено и решението да се прекинат подготовките за потпишување Спогодба за асоцијација и слободна трговија со ЕУ на сметка на зацврстувањето на односите со Русија и други држави на постсоветското пространство. Истовремено тогашниот претседател Виктор Јанукович во една изјава нагласи дека Украина не се откажува од намерата земјата и натаму да оди кон евроинтеграциите, колку и да се тешки пречките на тој пат.

Сето ова предизвика масовни протести на Плоштадот на незвисноста, кои предизвикаа политичка криза во земјата, протести и во други градови, а по речиси четири месеци завршија крваво. Епилогот беше, бегство на Јанукович во Русија, откако не успеаја обидите со посредство и гаранции на ЕУ да се надмине кризата. Потоа дојде до промена на власта, до прогласување на независни републики во Доњецката и Луганската област, а во Крим се одржа референдум за присоединување на полуостровот кон Русија. Ваквата состојба е статус-кво до ден денес. Три години после завршување на масовните протести.

Неизбежно беше и раѓањето на меѓународна криза. Беа воведени санкции кон Русија од страна на САД и ЕУ. Па Русија воведе контра санкции. Таканаречената „Нормандиска четворка“ постигна „Мински договори“ за решавање на кризата, но ефектот од нив не е никаков.  

Што се случи со Украина три години по вториот Мајдан?   Во прв ред, земјата во извесен дел се сплоти против Русија. Но никако на оној дел кој не е под контрола на централната власт. Добар процент од наслението во анкетите се изјаснува за НАТО и ЕУ интеграции. Повеќе отколку при Јанукович. Потоа, се спроведоа некои реформи во борба со корупцијата, милицијата стана полиција. Пратениците и функционерите електронски ги декларираат своите доходи. Во Парламентот има разноликост. Од крајно десни национал радикали, па се до бивши приврзаници на Виктор Јанукович. Конечно, Украина е земена под закрила на САД и ЕУ, иако многумина сметаат дека таа е само пион во нивната игра со Русија.

Но, сето ова е малку за мнозинството Украинци. Тие и натаму погледнуваат во своите џебови, со надеж дека ќе видат некоја гривна повеќе, но за жал остануваат разочарани. Сега се три пати посиромашни. Сметките за комуналии постојано растат и тоа предизвикува незадолство, кое не може да се компензира со надежта дека земјата направила вистински чекор кон демократија и дека наскоро ќе биде подобро. Но кога е тоа наскоро? Година, две, десет, дваесет... Три веќе поминаа. Работите многу бавно се менуваат. „Луѓето сакаат да ја видат историјата на успехот, носење нови закони, казнување на криминалците, но прогресот е замрзнат, тоа е едноставно убава фасада – ние практично не можеме да спроведеме ниту една од нашите идеи“, изјави за TheDailyBeast,Елена Салата, експерт од групата „Реанимациски пакет за реформи“ во која има многу експерти кои подготвуваат закони за неопходните реформи во Украина.

Многумина за ова ги обвинуваат олигарсите. Се смета дека власта и натаму е под нивна контрола и покрај тоа што претседателот-олигарх, Петар Порошенко, се пресмета со некои олигарси и го зголемува притисокот врз нив. Но, не му оди се од рака. Неодамна неговиот фаворит, Михаил Саакашвили, поранешен претседател на Грузија, кој доби украинско државјанство лично од рацете на Порошенко и беше назначен за прв човек на Одеската област, си поднесе оставка, како израз на немоќ да ги спроведува реформите, онака како што тој ги замислува. Коментарите по овој повод се дека Саакашвили ја изгубил битката со локалните моќници.  Порошенко ја прифати оставката, но сега Саакашвили се заканува дека ќе формира свое политичко движење кое ќе биде директен конкурент на партијата на Порошенко. Некои се плашат од Саакашвили и неговото сфаќање на реформите, па бараат да му се одземе државјанството. И екстрадиција во Грузија каде го чека криминална истрага.  

Украинците како да се заморија од чекањето на подобри времиња, но тешко дека ќе се одлучат за трет Мајдан. Во моментов нема било каква сила која што ќе ги обедини и стотици илјади од нив повторно да излезат на плоштадот во Киев. Тие, повеќе во моментов се оптоварени со тоа како ќе ја поминат зимава, како да дојдат до повеќе приходи, како да ги надминат социјално-економските проблеми…Некои политичари, како поранешната премиерка, Јулија Тимошенко, најавуваа трет Мајдан, но и неа и е јасно дека Украина во извесен дел е сплотена само во омразата кон Русија, а не и околу потребата за нови крвопролевања на плоштадот. Впрочем одбележувањето на третата годишнина на настаните од 21 ноември 2013 година го потврдија тоа.

Во понеделникот Киев, како што пренесоа медиумите, беше полн со полиција и други безбедносни сили. Во центарот на градот се собраа неколку илајди луѓе. Дел од нив го запалија офисот на Виктор Медведчук, украински политичар и лидер на движењето „Украински избор“, како казна за неговата блискот со Владимир Путин. Неговата ќерка е крстена од Путин. А го сметаат и за предавник на Украина. Други пак ги искршија стаклата на офисот на руската  „Сбербанка“ во центарот на Киев. И толку. Ниту повици против олигарсите, ниту повици за борба против корупцијата, ниту повици против сиромаштијата, ниту повици за ЕУ и НАТО…Важно е да се кршат и да горат офисите на она што тие го сметаат за руско во Украина.

Украинците, растргнати помеѓу желбата за расчистување со минатото и соочување со иднината надвор од руска прегратка, како да се изморени од чекањето подобри времиња. Толку изморени што дури и се помирени со она што им се случува. Многумина се разочарани од фактот дека не можат да направат нешто повеќе. И нормално, кога ќе тргнеш по патот на посакувани промени, а ќе се најдеш во земја зафатена од воен виор, со отцепени територии, со економска бесперспективност и згора на тоа ЕУ те зафркава дека ќе ти даде безвизен режим, „само да се надминат некои технички пречки“, тогаш не ти останува ништо друго освен да се помириш со она што го велат многумина Украинци. „Украински парадокс, тоа ти е кога на плоштадите победува револуционерното малцинство, а на изборите конзервативното мнозинство“, веројатно тоа е судбината современите револуции. Но тоа е поширока тема за дискусија.

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?