25 Април, 2024
0.0285

Украинските маки, како на Македонија

Објавено во: Колумни 01 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

За многумина во Македонија нашава држава е пример на „жртва“ на Курвата Вавилонска, на четирите волци што не опкружуваат. Но малкумина ќе признаат дека таа најмногу е жртва на  самата себе. Ова особено во нашето совремие. Зашто не сме способни, веќе 26 години, да изградиме стабилна држава. Над која нема да виси мечот на судбината – ќе опстои ли оваа земја или ќе ја снема.

Во Европа има уште една држава која е исто под знак прашање дали ќе се одржи. Станува збор за Украина. Овде нема потреба да се говори за нејзините односи со Русија, за што на страниците на Фактор е многу елаборирано и за сепаратистичките тенденции на истокот од земјата. Сега станува збор за другите соседи на Украина. Нивните апетити растат право пропорционално со продлабочувањето на кризата во државата. Кога гледаат како таа не успева да се справи со предизвиците од истокот, тие, соседите, се јавуваат и покажуваат дека имаат намера да земат „под свое“ делови од Украина. Не физички, туку политички. Станува збор пред се’ за Полска и за Унгарија, а во многу, многу, помала мера и за Романија, па и Бугарија.

Кои се камењата од кои се удираат нозете на сите учесници во најновите маки на Украина? Малцинствата. За нас звучи познато, нели. Правата на малцинствата во таа држава, а пред се нивниот јазик. Украина како и многу други држави од Источниот блок, а посебно државите од  постсоветското пространство сакајќи да се ослободат од бремето наречено Русија најнапред тргнаа со забрани или редуцирање на учењето и говорењето во јавната комуникација на рускиот јазик. Тоа најдрастично се случи во балтичките држави, кои иако се членки на ЕУ, се’ уште прават напори да се заборави рускиот јазик кај  рускојазичното население кое таму брои и десетици проценти. По тој след тргнаа и други држави, и тоа го посака и Украина. Една од причините за сепаратизмот во таа земја е токму јазикот.

Во Украина рускиот јазик во слободна комуникација беше, речиси рамо до рамо со украинскиот. Во некои региони дури повеќе од тоа. Токму под превезот на заштитата на Русите во Украина се случи присоединувањето на Крим кон Русија и воениот отпор во Донбас. Ако сакаш да градиш своја држава, а државата е и јазикот, се почнува со негово регулирање. И Украина пред некој месец донесе Закон за употреба на јазиците на малцинствата. Тоа предизвика реакции во земјите матици на малцинското население. Се крена голема врева во која предничеа Унгарците, но се јавија и од Романија, и од Бугарија. Бројноста на овие малцинства, не сметајќи го руското, не е голема, од 0,3 до 0,4 проценти од над 42 милиони население, колку што е проценето за 2017 година.

Со новиот Закон се укинаа некои состојби, кога јазикот на малцинството можеше да се учи од 1 до 11 одделение во средините на компактно живеење на малцинствата. Новото решение е дел од предметите да се предаваат на јазикот на малцинството. Причината за ова, како што  се наведува, е учениците да можат да се социјализираат во другите делови на државата, да можат да студираат на универзитетите во Киев или друг град. Реакцијата на Унгарија беше многу енергична. Се’ до изјави дека Будимпешта ќе ги блокира сите напори на Украина за НАТО или ЕУ интеграции. И тоа од устата на унгарскиот претседател Виктор Орбан. Украина веднаш го испрати законот до Венецијанската комисија и наредниве денови, 9 декември, се чека одговорот од таму. Но Орбан е упорен и вели дека не го интересира одлуката на Комисијата.

Друг проблем за Орбан е и законот за државјанство. Во Украина веќе има предлог закон за државјанство, но никако да се усвои во Парламентот. Со тој закон се поедноставува одземањето на државјанство кај оние кои имаат и друго државјанство. Во земја во која веќе сега многумина имаат двојно или тројно државјанство прашање е како ќе се спроведе овој закон. А двојното државјанство е „заштита“ на малцинствата од страна на соседните држави. Унгарците сакаат во Украина да се врати мнозинскиот изборен систем, укинат во 2002 година, како и создавање на зедници на општини во оние делови на Украина каде што компактно живеат малцинства.  И конечно Будимпешта ја интересира создавањето на јазична автономија.

Се погоре споменато може да влијае врз намерите на Украина да изгради унитарна држава. Ние знаеме низ што се минавме, па и воен конфликт, за да се решат некои прашања со кои сега се соочува Украина. Ќе има потреба од компромиси, но колку има место за нив и колку ќе бидат болни за Киев. Уште повеќе што Унгарија е во Унијата и НАТО, а Украина е многу далеку од нив.  Некои сметаат дека се“ што прави Орбан се негови трикови пред изборите кои треба да се одржат во Унгарија наредната година. Но, како и да е маките и нервозата се на украинска страна. Деновиве дипломати од ЕУ одеа во посета на деловите од Украина каде што компактно живеат малцинства, се разбира не и во Донбас, за да се запознаат со приликите таму во поглед на барањата за јазичните и други нивни права.

И ако Орбан е прагматик,  полскиот претседател Анджеј Дуда лета на крилата на минатото. А во него украинско-полските односи се полни со крв, војни, завојувања, мачења, ликвидации од обете страни. Не треба да се оди во времето на литературниот јунак Тарас Буљба, кој го убива својот син Андреј за предавството на православието и татковината на Пољаците. Истите појави се среќаваат и во времето на Втората светска војна. Но и тоа е минато.   

А пред извесно време украинскиот министер за надворешни работи Павел Климкин ќе изјави дека Украина и Полска водат историска дискусија во рамки на тотална политизација. Според него, Украина денес работи над создавање на јасен историски наратив, додека во Полска таа работа е завршена. Попросто кажано Украина ја преиспитува својата историја. Климкин продолжува, „ Но тоа не значи по определба, дека полскиот наратив е 100 проценти вистински. А нашиот наратив, тоа како ние си ја претставуваме сопствената историја е 100 проценти неточен“.  

Од друга страна Пољаците не прекинуваат да зборуваат дека ги поддржуваат европските амбиции на Украина и се главен сојузник на Украина во спротивставувањето со Русија и не го признаваат присоединувањето на Крим. Но истовремено и забележуваат на Украина дека се оддалечува од некои зеднички договори. Исто така дека „Киев не треба да ја користи руската агресија како оправдание во односите со Полска“.  Историјата е болно прашање, особено кај држави кои допрва треба да ја градат. Дискусиите за полски убиства на почвата на Украинци во минатото или од украински националисти врз Пољаци доведоа до тоа разни споменици од минатото во двете земји да бидат сквернавени и уривани, токму од модерни националисти. Потоа дојде до список за забрана за влез на украински историчари и политичари во Полска, па дури и враќање на еден украински историчар од полската граница. Иако сите повикуваат на дијалог, тој никако да донесе некакви плодови. Може ли да се случи украинската историја да биде составна под диктат на Полска? Веројатно Украина ќе мора да оди на компромис, но со некои отстапки. Таа не е во ситуација да отвора стари рани со Полска. Уште повеќе знаејќи во каква ситуација се наоѓа, а Полска и е главен сојузник против Русија. Освен тоа „Полска е внатре, а Украина е надвор“. Од европските интеграции.

Сето ова е многу блиско до нашите состојби денес и во изминатите години од прогласување на независноста. Тоа „внатре и надвор“ горчи, но мора да се голтне. Кога за 26 години не ќе успееш да изградиш одржлива држава, неминовно ќе се јави некој да те удира по глава и да бара од тебе отстапки. Во нашиот случај прво проблем беа Грците, а подоцна и Бугарите. Добро што во ЕУ не се Албанија и Србија. Инаку и тие ќе ни испорачуваа разни барања. Тоа е проблемот на слабите. Така е сега со Украина. Таа не треба да дозволи да замрзнат преговорите со Полска и Унгарија за спорните прашања. Зашто колку подолго трае мразот, толку попогубна е преговарачката позиција на послабиот.  

Мирче Адамчевски


Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД