25 Април, 2024
0.0312

„Успесите“ што го разболеа Ставрески

Објавено во: Економија, Колумни 20 Јуни, 2016

Добивај вести на Viber

ДПМНЕ-овската славопојка на улогата на Ставрески во „успесите“ на власта, откако тој поднесе оставка на функцијата министер за финансии, ја сфатив како обид  на врхушката да го минимизира чинот на еден од „столбовите“ на власта, со намера да избегне расправа за  вистинските причини кои го присилија  да го напушти веќе десеткуваниот владин тим, вклучувајќи го и лидерот на партијата, како премиер. Славопојките за „успесите“ на власта во чие остварување голем удел дал и Ставрески повеќе се во насока да се оправдаат досегашните политики и практика на владејачката партија отколку што му се оддава признание. Симптоматично е што му се „признава“ за намалување на невработеноста и за пораст на извозот од ТИРЗ-овите. Притоа, се премолчува дека намалувањето на невработеноста не значи и економско зголемување на вработеноста, а порастот на извозот од ТИРЗ-овите не го зголеми извозот од Македонија. Ланскиот е на ниво од 2011 година. Намерата е очигледна. Неговиот авторитет го користат за да ги продолжат опасните политики на лидерот. Исто така, се сака да се покаже дека во владејачката партија се’ е во ред, само етe, од многу работа, се разболе министерот за финансии. А ДПМНЕ има кадри кои успешно ќе ја продолжат неговата работа. Тоа го потврди новоизбраниот министер. Впечаток е дека безпоговорно ќе ги извршува задачите што ќе му ги поставува бившиот премиер. Воопшто не му е важно зошто се повлекол неговиот претходник. Оставката „од здравствени причини“ ја зема здраво за готово. Не го расколебува ниту укажувањето дека Ставревски се разболел од многу работа. Малку e веројатно дека Ставрески се разболел од многу работа, бидејќи работата од задоволство оплеменува и поттикнува. Поверојатно е дека навистина многу работел, меѓутоа, работи кои не ги сакал, кои не му причинувале задоволство ниту кога успешно ќе ги заврши. Ова е разбирливо ако се има предвид дека негова задача била да наоѓа пари за остварување на се’поголемиот број проекти на лидерот. Тој веројатно и уживал во своите менаџерски способности, барем до црниот понеделник на 24 декември  2012 година, кога со невидена арогантност „командуваше“ да се исфрлат од Собранието пратениците на опозицијата кои се спротивставуваа на донесувањето на буџетот за 2013 година и бараа негово намалување. Незаконитото ангажирање му беше беззначајно во однос на  покажаната лојалност кон лидерот, во задоволувањето на неговите желби за обезбедување на пари за реализација на замислените популистички проекти. Нема сомнение дека уживаше во менаџирањето со државните пари. Тоа му овозможуваше  невидена власт во финансиите на земјата, секојдневна комуникација со лидерот и можност секојдневно да ја потврдува лојалноста кон него, кршејќи ги дури и законите, само да му удоволи на „шефот“. Му импонираше што без негов потпис не можеше да се вработи ниту еден во јавниот сектор. Веројатно поради тоа се осилил толку што  на универзитетите  предлагал кандидати за наставнички звања, иако за многу избрани во законска процедура го одложувал финансирањето. Ќе се памети кои бизнисмени биле форсирани при исплатите од државната благајна, а на кои ги покажувал финансиските „маѓеоничарски“ способности, на тој начин што незаконски им ги одлагал исплатите на нивните побарувања, до ниво да обезбедува бескаматно кредитирање на буџетот. Не му сметаше да ја задолжува државата  и на домашниот и на странските пазари на капитал, без оглед на намената на средствата. Додека ги задоволуваше апетитите на лидерот не мислеше на  економските правила кои го ограничуваат нивото на долговите, бидејќи тие мораат да се враќаат. Не му сметаше што се задолжува за отплата на стари кредити. Ниту тоа што каматите на новите кредити беа повисоки од растот на БДП во земјата. Сервилноста кон лидерот ги зголемуваше неговите апетити со геометриска прогресија.  Тоа доведе уживањето да му се претвори во пекол, што можеше да се согледа од бомбите на опозицијата. „Проектантот“ бараше се’ повеќе пари, а неговата моќ да ги најде се судри со неговото сознание дека се намалуваат можностите за нивно враќање. Тоа е навистина фрустрирачка позиција која може не само  да разболи, туку и да премине во агресивност, дури дотаму на лидерот да му ја тресне слушалката по глава. Само Ставрески знае во кој момент се прелеа чашата во односите со лидерот, кому беспоговорно му служеше повеќе години, а веројатно ги остваруваше и своите интереси. Прашање е само дали ќе дојдеше до нивно раздвојување ако разговорот со Јанкуловска не се пренесеше во јавноста? Дали и понатаму ќе се бореше со себе, со свеста за состојбите во земјата и неразумното однесување на лидерот, за да продолжи да ги задоволува неговите апетити? За земјата е суштествено што по многу критики на буџетската потрошувачка во земјата, од устата на министерот се слушна на кое дереџе се финансиите на државата. Притоа, неговата оставка е само израз на неговата свест дека соочувањето со реалноста е многу блиску, а тој тоа не може да го поднесе. Но, наместо да се спротивстави да се запрат неповолните трендови, тој се повлече. Со тоа само покажа дека е распукан бедемот на финансиската стабилност на државата, која пред „бомбите“ постојано ја истакнуваше, занемарувајќи ги бројните неповолни трендови. Веројатно ги гледаше и чувствуваше, меѓутоа, не веруваше дека нема да има разбирање за нивно прекинување.  Инсистирањето за емисија на нова обврзница од 230 милиони евра дефинитивно го разубеди. Лидерската опсесија за „дарување“ со народни пари начисто го разболе. Но, не заради тоа што не може да најде пари, туку поради тоа што со забавувањето на растот на БДП на 2% во првиот квартал од годинава драстично се влоши можноста за отплата на достасаните обврски. Ако не се подобри растот барем над 3%, голема е веројатноста годинава, ако не дојде до пробивање на буџетскиот дефицит да се изврши прераспределба на средствата за буџетски расходи. Со новото задолжување уште повеќе ќе се продлабочи долгот, а  прераспределбата  ќе ја  почувствуваат оние на кои ќе им се  скратат средствата. Тоа е првиот знак  за проблеми кои досега, со нови задолжувања, се амортизираа. Опаѓањето на БДП е аларм за големи промени. Мора да излеземе од замката во која не турна моделот за развој со проекти (изум на Груевски) т.е. од  ситуацијата во која  ануитетните отплати на обврските (камата+главница) се повисоки од  износот на  годишниот раст на БДП.   Тоа води директно во должничко ропство. Очигледно е дека Ставревски го разболеа „успесите“, од кои  народот веќе одамна страда. А за да нема жртви и на двете страни, најдобро е по примерот на екс министерот за финансии, сите марионети на власта, помали или поголеми,  да ги спакуваат куферите и да си заминат. За достоинствено повлекување веќе е доцна, но барем ќе остават простор, партијата на која и’ припаѓаат, да се обиде да се реформира, со нови луѓе и врз демократски начела на делување, нешто што  прилега на политичка партија од европски ков. Нормално, тие што се огрешиле пред законот, без оглед на која позиција во моментов се во партијата,  ќе мора да се соочат со правдата. Тоа е многу битно, затоа што само така, сите идни функционери, нема да си дозволат да ги прават истите грешки, бидејќи однапред ќе знаат дека криминалот не се исплаќа. Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

ПРОФИТОТ НА ТЕСЛА ПРЕПОЛОВЕН: компанијата ја губи трката од кинеските конкуренти

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

СВЕТСКИ ПОЗНАТА КОМПАНИЈА ТУЖИ АМЕРИКАНСКИ „ЏИН“: Им го украдоа заштитниот знак на моделите на спортска облека

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

„ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА“ ЌЕ ДЕЛИ ДИВИДЕНДА ОД ВКУПНО 714 ИЛЈАДИ ЕВРА - од пиво добро се живее во Македонија

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ДОПРВА ЌЕ ГО БАРААТ И ЌЕ ПОСКАПУВА: Бакарот урива рекорди

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

ЕВЕ КАКОВ РАБОТОДАВАЧ Е „ЛИДЛ“: Искуствата на вработените кажуваат сѐ

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

КОИ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ ОБЕЗБЕДИЈА НАЈМНОГУ ИКТ УСЛУГИ? – еве каде е забележан најголем раст

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПЛАТИ ВО МАКЕДОНИЈА: Во која бранша заработуваат најмногу?

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

ПОТРЕБНИ СЕ ПОВЕЌЕ ПАРИ ЗА ЖИВОТ: Минималната кошничка за април достигна 1.000 евра

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?

НЕИЗВЕСНО: Дали ќе поскапи лебот?