Утре пресуда за Ратко Младиќ
Објавено во: Балкан 21 Ноември, 2017
По судски процес од четири и пол години, Хашкиот трибунал ја донесол првостепената пресуда за Ратко Младиќ и таа ќе биде објавена утре.
Поранешниот воен лидер на босанските Срби беше обвинет за геноцид и за воени злосторства. Судењето траеше три и пол години, а заседавањето за пресудата една година. Главниот судија Алфонсо Орие го одби барањето на бранителите на Младиќ да го одложи изрекувањето на пресудата, поради здравствената способноста на обвинетиот да учествува во процесот.
Главниот лекар на хашкиот притвор, Пол Фалке, забранил лекари да го посетуваат Младиќ сѐ до изрекувањето на пресудата, нагласувајќи дека „тоа може да му наштети на здравјето“. Одбраната на Младиќ, пак, инсистира тој да биде посетен и прегледан од српски лекари, кои врз основи на медицинската документација објавија мислење дека е во смртна опасност.
Ратко Младиќ беше уапсен во мај 2011 година во близина на Лазаревац, откако генералот 12 години помина во криење затоа што беше објавена потерница по него. Тој беше испорачан на Хашкиот трибунал, судењето почна во мај 2012 година и заврши на 15 декември 2016 година. Во завршните обраќања обвинителството побара Судскиот совет да му изрече максимална казна доживотен затвор на поранешниот командант на Војската на Република Српска, укажувајќи дека „секоја поблага казна би била навреда за жртвите, и за живите и за мртвите, како и за правдата“. Бранителите, пак, бараа ослободителна пресуда.