Вајгл: Tензиите, полемиките и повикувањето на старите меѓунационални расправи се опасни
Објавено во: Балкан 24 Август, 2017
Tензиите на Балканот нанесуваат штета на регионот и на перспективата на процесот на проширување на ЕУ, вели известувачот за Македонија во Европскиот парламент и член на Делегацијата за спроведување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација на Србија, Иво Вајгл.
Според него, тензиите, полемиките и повикувањето на старите меѓунационални расправи се опасни и штетни за сите земји кои во нив учествуваат.
Тој додава дека во многу земји членки, можеме да видиме зголемено колебање кога станува збор за процесот на проширување и фокусирање на консолидација на Унијата, која е погодена од Брегзит, финансиската и бегалската криза.
„Нешто најнепродуктивно што можат земјите-кандидати да направат е да ги зголемат меѓусебните тензии и да се свртат кон традиционалната нетрпеливост, заснована на историски или псеудоисториски прашања“ - изјави Вајгл за Танјуг, по политичко-дипломатскиот спор меѓу Белград и Скопје.
Вајгл смета дека доколку регионот сака да ја задржи перспективата за проширување жива, мора да се претстави како хомоген, привлечен како пазар, но и доверлив партнер, кој ќе претставува додадена вредност на европската стабилност и безбедност.
Вели дека би било корисно кога лидерите на Балканот би биле свесни кога влегуваат во радикални вербални конфликти со соседите.