Ѕвездата на „Мумијата“ обвини за сексуален напад од директор на Глобусите
Објавено во: Свет 23 Февруари, 2018
Актерот Брендон Фрејзер, кој пред петнаесетина години беше вистинска ѕвезда со филмовите „Мумијата“, е еден од ретките мажи во Холивуд кој проговори дека бил жртва на сексуален напад. Тој за GQ списанието тврди дека сексуално бил нападнат од Филип Берк, тогашниот директор на Здружението на странски новинари во Холивуд кое ги организира наградите „Златни глобуси“.
Според Фрејзер, тогашниот директор Берк кој сега е само член на здружението, на една забава го зграбил за гениталиите. Фрејзер побегнал дома и плачел, но случајот не го пријавил во полицијата.
Вели дека се решил да проговори 15 години подоцна како дел од MeToo кампањата и дека овој инцидент му предизвикал многу проблеми во животот и го натерал да се повлече во себе.
Берк негираше дека случајот бил толку сериозен како што известува Фрејзер и дека само го „штипнал“ на шега. Берк исто така тврди дека здружението и тој лично не влијаеле негативно врз кариерата на Фрејзер која во последните 10 години е во вистински пад и е тој далеку од хит филмовите како порано.