(ВИДЕО) Специјалци спасуваа Кинези кои на Балканот биле присилно држени за работа
Објавено во: Балкан 20 Јануари, 2018
Прекинат е меѓународен ланец на организирана криминална група која се занимавала со трговија на луѓе.
Кинеските државјани се пронајдени затворени во две вили во Загреб. Во едната од 800 квадрати, се затечени 42-ца кинески државјани, а во другата со големина од 400 квадратни метри пронајдени се 19 Кинези.
Двајца од Кинезите биле чувари и работеле за Хрватите кои ја воделе операцијата.
Во акцијата, осомничен е 48 годишен Хрват за изнајмување на куќите, како и 51 годишен жител на Загреб кој ги пренесувал жртвите во земјата.
Хрватското МВР соопшти дека неговите полициски службеници во координација со словенечките, спровеле истрага за експлоатација на голем број луѓе. Групата присилувала Кинези да работат во кол-центри, на тој начин учествувајќи во криминални измами. Во акцијата била вклучена и словенечката полиција затоа што кол-центри освен во Хрватска, имало и во Марибор и Љубљана.
Во извештајот стои дека измамниците на Кинезите им ветувале лесна заработувачка, а потоа ги затворале, им ги одземале документите и ги терале за нив со месеци да вршат финансиски измами.