ВИДЕО: Тајфунот Хаимa однесе жртви на Филипините
Објавено во: Свет 20 Октомври, 2016
Тајфунот Хаима ги обиколи денеска Филипините, нанесе штета во северните провинции, при што загинаа најмалку осум лица.
Меѓу жртвите се 48-годишен маж, кој починал откако бил удрен од гранка на дрво, како и друг маж на 70 години, кој добил срцев удар во евакуациски центар во градот Паланан, објавија властите. Во провинцијата Бенгет двајца градежни работници загинаа при лизгање на земјиштето, а други двајца селани се однесени од река во провинцијата Ифугао.
Тајфунот принуди над 90 000 луѓе да ги напуштат своите домови, соопштија претставници на властите, цитирани од ДПА.
Хаима со ветрови до 225 км / ч сруши покриви, откорна дрва, електрични столбови и предизвика поројни дождови.
Тајфунот ослабна откако помина низ северниот остров Лузон, а ветровите стивнаа до 150 км / ч, со налетите до максимум 185 км / ч, соопшти службата за метеорологија.
Според метеоролозите, тајфунот се движи кон Хонгконг.