(ВИДЕО) Турските пратеници разменија тупаници - дали Ердоган ќе владее до 2029?
Објавено во: Балкан 12 Јануари, 2017
Тепачка изби во турскиот Парламент.
Таа се случи меѓу пратениците од владејачката Партија на правдата и развојот и на главната опозициска Републиканска народна партија. Инцидентот ескалираше за време на дебатата за уставните измени. Со измените се зголемува извршната власт на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган.
До тепачката дојде откако пратениците на владејачката партија се обиделе да и забранат на опозициската пратеничка Фатма Каплан да ја снима седницата со нејзиниот мобилен телефон.
Пратеници од двете партии потоа почнаа да разменуваат тупаници, по што претседателот на парламентот ја прекина седницата.
Пратениците јавно гласаа посебно за секој од 18 членови на законот.
Опозицијата тврдеше дека според Уставот, за уставните измени треба да се гласа тајно.
Ова не е прв пат да има тепачка во Парламентот.
И лани во мај имаше тепачка при што пратениците маваа со шишиња со вода и удираа со тупаници. Тогаш се расправаше за измени на Уставот.