(ВИДЕО+ФОТО) БАЛКАНОТ ПОД СНЕГ: Невремето доаѓа и во Македонија
Објавено во: Македонија, Балкан 23 Февруари, 2018
Балканските држави деновиве се под снег, а навремето полека се приближува кон Македонија. Од викендов се очекува студен бран со снежни врнежи и силен ветер, иако од УХМР велат дека сепак, нема да биде со истиот интензитет како во земјите северозападно од Мaкедонија.
Засега дел од Словенија и Хрватска е прекриен со снег и мраз кој го отежнува движењето. Големи проблеми има во Лика, Горски Котар, во средна Хрватска, Славонија и делови од Далмација каде пак од морето доаѓаат оркански ветрови. Снегот продолжува да го отежнува сообраќајот во централниот и северозападниот дел од земјата, а во чистењето на снежните наноси е ангажирана и војската. Во најтешко погодените реони, во училишта нема настава. На Јадранот пак, прекинати се бродските линии.
Во Хрватска студот ја зема и првата жртва. 86 годишен човек кој чистел снег е најден мртов во својот двор.
Слична е ситуацијата и во Босна и Херцеговина, каде дува силен ветар а патиштата се замрзнати и покриени со снег. На возачите им се советува или да го одложат патувањето или пак да носат зимска опрема. Заради невремето неколку возила се превртеа на патиштата но за среќа нема човечки жртви. Лошото време ги погоди и Црна Гора и соседна Србија.