(ВИДЕО+ФОТО) РЕВОЛТОТ НА ГРЦИТЕ ЈА ПРЕЛИ ЧАШАТА: Хаос во Атина и судири
Објавено во: Балкан 18 Мај, 2017
Во Атина имаше судири меѓу полицијата и демонстрантите кои протестираат против новите мерки за штедење, наложени по барање на странските кредитори.
Дел од демонстрантите се судрија со полицијата откако заврши протестот, на кој имаше околу 12.000 луѓе. Тие фрлаа чадни бомби кон полицијата, а таа употреби солзавец.
Вчера пред грчкото Собрание се собраа повеќе од 3.000 полицајци, пожарникари и крајбрежни чувари, револтирани поради најавеното намалување на платите. Некои од нив се обидоа да влезат во зградата на Собранието.
Новите мерки за штедење вклучуваат уште едно намалување на платите и пензиите и зголемување на даноците, што коалициската влада на Алексис Ципрас го прифати за да добие нов заем од меѓународните кредитори.
Денес, во центарот на Атина имаше повеќе протестни групи со илјадници луѓе, кои не сакаат да ги прифатат новите намалувања на платите и пензиите, а еден од синдикалните слогани беше „Не нов грабеж на платите и пензиите“.
Поради генералниот штрајк јавните болници нудеа само итна помош, возовите и бродовите не сообраќаа, како ни автобусите, тролејбусите, метрото и трамваите во Атина.
Судовите, исто така, беа затворени, а не работеа ни адвокатите ни нотарите.
Грција зависи од меѓународната помош од 2010 година. За да добие средства мораше да ги намали платите, да ги зголеми даноците и да спроведе реформи за зголемување на буџетските приходи, но продлабочената рецесија избриша четвртина од стопанството, а речиси секој четврти вработен остана без работа.
Во рамки на третиот договор за меѓународна помош, Грција мораше да реализира низа темелни економски реформи за да добие заем.