29 Март, 2024
0.0243

Виртуелен активизам

Објавено во: Колумни 28 Јуни, 2016

Добивај вести на Viber

Виртуелниот свет не е виртуелен само затоа што не постои во реална смисла, како што постои реалниот свет, туку затоа што е само-измама дека може да направи некаква промена во реалниот свет! Тој е виртелна (неделотворна) моќ!

Навистина, тој свет дава некакво чувство дека правите промена - било каква, во било кој обем. Но најчесто, дека тоа е токму таквата промена која ја посакувате. Пишувате блогови, постирате фотки, пишувате статуси, кликате лајкови, учествувате во виртуелни петиции...вие сте богот во (виртуелниот) свет. Но во реалниот, не само што промената не се случува, туку согледувате дека промената се случила кај вас и тоа на полошо. Од жарот на вашиот активизам, не сте го забележале, на пример, расклатеното запче на вашето дете или сте го заборавиле роденденот на вашата љубена. Но, можеби уште повеќе од тоа: додека одите  по улицата, задумани за следната ваша виртуелна активност која ќе го „промени“ светот, на два-три пати ги одминувате бездомниците и просјаците без да им „фрлите“... барем еден поглед. До доцна навечер, постирате статуси, броите лајкови, одговарате на коментари, пишувате блогови, па рано наутро се успивате за посетата на вашиот пријател во болница, а сте ветиле. Не го ни забележувате кученцето на улица, затоа што веќе претходниот ден само што сте се „раздолжиле“ кон животинскиот свет со тоа што сте ја лајкнале критиката на некоја поп-дива која носела бунда од природно крзно...

И додека вие сте виртуелно ангажирани, светот си врви по свое, но овојпат и многу полесно, затоа што вам ви дал лажно чувство дека вие всушност вршите некаква промена и влијание. Илузијата е комплетна! И двете страни се задоволени. Капиталот и светските хегемони со тоа што ви создале вам илузорно чувство на моќ, а себе си си ја засилиле сопствената, реалната, „нафтената“ и монетарната моќ.А не треба многу, драги мои, доволно е само да се отажеме од нашите големи амбиции да го промениме светот; да запреме барем за миг со нашиот „ангажман.“ И да почнеме да живееме. Едноставно, секојдневно и старомодно.

Целата денеска, таква компјутерски посредувана комуникација, е резултат на недостатокот на реална, жива и автентична комуникација. Денеска немате кафе-бар каде нема истакнато знак Wi-Fi како можност и таму да „чепкате“ по вашите „тач-скрин“ екрани и да „комуницирате“ со некого, додека пријателот, другарот, другарката, девојката, дечкото, со кој всушност сте излегле седи спроти вас. Па што е кафе-барот, ако не место за комуникација, што ќе ви е дополнително Wi-Fi за да комуницирате!?

И токму заради ваквата состојба, се појавуваат виртуелни заедници. Виртуелните заедници се резултат на недостаток од реално, живо заедничарење. Потребата од заедница е основна човекова потреба. Уште Аристотел констатираше дека човек е zoonpolitikon– суштество на заедницата, суштество кое живее во заедница. Дури, тврдеше дека за човек да живее сам, треба да е или ѕвер или Бог! Богови не сме – се претвораме ли во ѕверови? Губењето на чувство за заедништво, резултира со потребата од изградба на некаква виртуелна заедница. А видовме уште на почетокот на овој текст, виртуелноста не се состои само во тоа што таа егзистира во некаков различен, нематеријален, виртуелен свет, туку во тоа што таа во основа е неделотворна и со тоа непостоечка.

И тоа, како своевиден маѓепсан круг, истите тие виртуелни заедници, допринесуваат од своја страна за дополнително губење на вистинското, реалното заедничарење. Тие самите се резултат, од една страна на губењето на заедничарењето, но од друга страна и придонесуваат за засилување на реалното заедничарење. Во резултат имаме виртуелни заедници (и тоа заедници секогаш треба да е во наводници), кои всушност се псевдо-заедници. Со тоа, социјалните медиуми се покажуваат како анти-социјални. Имено, не секоја група на луѓе е заедница. Тоа што сте собрале 500 пријатели на фејсбук не ве чини дел од заедница. Тоа не е заедница. Ако едно семејство, на пример, како група, збир на луѓе има недостаток на комуникација, близина, љубов, разбирање, емпатија...тоа престанува да биде семејство, тоа не е семејна заедница, ами само група на луѓе, вештачки агрегат.

Единствениот бенефит од виртуелните заедници би можел да биде размена на информации, и одржување на комуникацијата претходно остварена во реалниот живот. Но секогаш треба да се има на ум дека таквата виртуелна средба е само размена на информации и ништо повеќе. Тоа не е искуство! Во смисла на вистинско, животно искуство во една реална, животворна средба, која претставува искуство на сите сетила, а не само размена на информации. Треба да имаме на ум дека не секоја комуникација е заедничарење и дека не води кон заедница. Телефонски разговор е комуникација, но не е заедница. Истото важи и со типкање на тастатурата на „чет“ или фејсбук. Тоа е комуницирање и ништо повеќе од тоа. Заедничарење е дијалог со погледите, допир на енергиите, возбуда од сетилата, спој на душите, примање на срце со срцето...

На крајот на краиштата, заедницата која се остварува во мигот кога престанува сета комуникација е најдлабоката заедница, најинтимното заедничарење. Во молкот повеќе се комуницира и тоа е најдлабоката, најчовечката комуникација. Па во таа смисла, посочете ми само еден единствен медиум или барем еден технолошки пронајдок кому функцијата му е преку него да се молчи, или каде суштината на комуникација се исцрпува во молчењето. На што личи да се јавите на телефон и да молчите. Веројатно бргу ќе завршите со пријава во полиција. Или да ù се јавите на љубената по телефон и да и кажете: „злато, ти се јавив да помолчиме!“ Истото не можете да го направите ниту преку „скајп“. Замислете „chat-room“ во кој се молчи. Или фејсбук профил на молкот – без слики, без видеа, без текст...Во сите медиуми, т.е. интернет-технологии молкот не е вредност! Молкот всушност се зема како негативен момент во сето интензивно брборење. Само во живата средба, молкот има и комуникациска, но и емотивна, дури и когнитивна функција. Впрочем, најдлабока комуникација се остварува токму во молкот. Најмногу кажувате кога најмалку говорите, или обратно, оној кој многу говори, малку кажува.

И навистина, замислете колку непријатност искажува, колку само неудобност изразува молкот во лифт со непознат!? Тој молк најсилно говори, најсилно ја изразува состојбата на непријатност и тоа е најсилен доказ дека вие со таа личност не заедничарите, не сте во заедница. Од друга страна пак, замислете го сето задоволство што го изразува молкот, додека сте во прегратката на љубената/љубениот. Тој молк најмногу говори за блискоста на таа заедница, за љубовта што ја чини таа заедница. Ако таа заедница е нарушена, тогаш молкот во таков случај е израз на болка, молкот всушност тогаш говори дека тоа заедништво е нарушено. Имено, како што вели поетот:

Не ме љубиш

Не те љубам

Не се љубиме повеќе

Не заради она што си го рековме

Туку заради сето она што го премолчивме

Д-р Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?