29 Март, 2024
0.0252

Влијание на перењето пари врз економскиот развој

Објавено во: Колумни 20 Ноември, 2013

Добивај вести на Viber

д-р Гоце Трајковски

Иако е тешко да се квантифицираат ефектите што ги предизвикува перењето пари врз економскиот развој, сепак јасно е дека оваа криминална активност негативно влијае врз финансиските институции коишто имаат суштинско значење за развојот на една национална економија. Освен тоа, перењето пари ја намалува продуктивноста во реалниот сектор на економијата преку несоодветна алокација на ресурсите, ги поттикнува криминалот и корупцијата и го разорува надворешниот сектор (меѓународната трговија и движењето на капиталот). Затоа сите земји мора да креираат ефикасни стратегии за спречување на перењето пари, што ќе овозможи јакнење на националната економија во целина, а особено во сферата на финансиските институции.

Финансиски сектор. Економските анализи покажуваат дека силните финансиски институции (банки, небанкарски институции и пазар на капитал) имаат круцијално значење за економскиот раст. Силните и стабилни финансиски институции овозможуваат концентрација на капиталните ресурси во вид на депозити од домашни и странски правни и физички лица и ефикасна алокација на тие ресурси во инвестициони проекти кои ќе генерираат траен економски развој.

Перењето пари негативно влијае врз развојот на финансиските институции од две причини. Прво, перењето пари внатрешно ги разорува финансиските институции. Не е редок случајот кога перењето пари е проследено со други криминални активности кои ги извршуваат дел од вработените на одделна финансиска институција. Доколку активноста на перење пари земе замав, може да се случи криминалните групи да го преземат и управувањето со цели финансиски институции. Второ, многу е важна довербата што ја имаат физичките и правите лица во една финансиска институција. Доколку комитентите (депоненти и инвеститори) на една финансиска институција дојдат до сознанија дека таа е инволвирана во криминални активности, таа доверба ќе биде разнишана и тие ќе преминат во друга финансиска институција.

Реален сектор. Покрај негативното влијание врз финансискиот сектор, перењето пари негативно влијае и врз реалниот сектор на тој начин што ги алоцира ресурсите во помалку продуктивни активности. Покрај тоа, перењето пари ги стимулира корупцијата и криминалот што доведува до забавување на економскиот раст.

Оние пари коишто не се перат преку системот на финансиски институции, често се пласираат во т.н. „стерилни" инвестиции, односно инвестиции кои генерираат мала дополнителна продуктивност во глобални рамки. Пример за такви инвестиции се вложувањата во недвижен имот, предмети со уметничка вредност, антиквитети, накит и луксузни автомобили. За земјите во развој, инвестирањето во вакви добра претставува сериозен удар врз нивниот економски раст. Уште повеќе, криминалните групи можат да го оневозможат работењето на продуктивните претпријатија преку стимулирање на стерилни инвестиции со цел да го максимизираат профитот од перењето пари. Таквите претпријатија нема да бидат во можност да одговорат на потребите на потрошувачите и да остварат поголем економски развој.

Перењето пари е ставено во функција на порастот на криминалот и корупцијата, а тоа негативно влијае врз трајниот економски раст. Како што финансискиот сектор претставува продолжена рака на стопанството во една национална економија, така и перењето пари претставува продолжена рака на корупцијата и криминалот. Колку се понеефикасни мерките за спречување на перењето пари, толку ќе бидат „постигнати позабележителни резултати во развојот на криминалот“.

Надворешен сектор. Перењето пари негативно влијае и врз тековите на меѓународната трговија и движењето на капитал. Ако се разгледаат правците на движење на капиталот, а особено финансиските текови поврзани со перењето пари, ќе се забележи дека средствата се движат од неразвиените земји и земјите во развој кон високоразвиените земји. Со оглед на тоа што ваквите текови на капиталот ги исцрпуваат ресурсите на сиромашните земји, перењето пари во глобални размери придонесува за уште побавен економски раст. Уште полошо е тоа што сиромашните земји имаат неразвиени стратегии и политики за спречување на перење пари. Затоа, нивните финансиски институции претставуваат погодна почва за развој на овој вид криминал. Репутацискиот ризик на тие институции, а со тоа и на тие земји се зголемува, а тоа ги одвраќа странските инвестиции. На тој начин, капиталот постојано се одлева преку перењето пари, а нема прилив на свеж и некриминализиран капитал.

Перењето пари негативно влијае и врз надворешнотрговската размена на една земја. На страната на увозот, криминалните елементи ги користат испраните пари за да внесат во земјата луксузни стоки. Тие стоки не генерираат економска активност и нови вработувања во земјата, а во некои случаи можат вештачки да ги намалат и цените на домашниот пазар, што доведува до намалување на продуктивноста на трудот на домашните претпријатија. Нормално, сето тоа има реперкусии врз извозот и приливот на свежи парични средства во таа национална економија.

д-р Гоце Трајковски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?