28 Март, 2024
0.0567

ВМРО и по него

Објавено во: Колумни 07 Ноември, 2017

Добивај вести на Viber

Деновиве иако без намера, сепак пред очи постојано ми излегуваат барања од разни страни, од разно-разни групи и групации, Заев да го прекинел континуитетот и жестоко да расчистел, не само со сите претходни практики, туку и со сите претходни (ВМРО-вски) структури, како единствен услов да се продолжи напред.

Оваа дилема веќе ја начнав во првата колумна во оваа сезона, каде помеѓу седумте причини поради кои не сакам да сум во чевлите на Заев, се и овие. Имено, од една страна оваа нова политика има задача жестоко да раскине со многу нешта од претходната политичка пракса, но исто така има и историска обврска да обезбеди континуитет. Оваа дилема е сериозен предизвик за секоја нова политичка гарнитура, особено во вакви преломни периоди. Впрочем, голем дел од енергијата на соборување на претходниот режим одеше во таа насока – на жестоко раскинување со целата вмровска стварност. Таа „револуционерна“ желба сè уште е присутна и во ова „пост-револуционерно доба.“ Но, таа желба не е само ирационален остаток од револуционерното доба, ами напротив, тоа е и реална потреба за конструирање на нова пракса. Жестокото раскинување со претходната пракса е предуслов за креирање нова пракса. Како што веќе напишав, Заев е исправен пред многу раскинувања.

Прво, има за раскинување со целокупната авторитарна и строго контролирана стварност. Тоа веќе успешно е направено од енергијата на „Шарените“, тој само треба да додржи на тој курс. Второ, има за раскинување со партизираноста и заробената држава од страна на таа партија – неговата СДСМ, не смее да стане нова ДПМНЕ и да ги партизира до даска сите институции. Трето, има за раскинување со...има многу за раскинувања. И како што реков, не треба да се либи, да го направи тоа жестоко. На пример, секако дека е чудно и мора да се признае, за цивилизиран свет, троа несвојствено да се согласите и да гледате како се рушат или дислоцираат споменици, но морате да си признаете, морате да се присетите колку жестока беше реакцијата за нивното поставување. Затоа, не смееме сега од одредена дистанца, кога таа жестина спласна, да се согласиме да го прифатиме шизофрениот проект на фирерот и да се навикнеме да живееме во тој кич, во тој Дизниленд, во таа лудница пред нашите очи. Да го оставиме тоа пред нас, значи да се анестезираме и да продолжиме да го живееме симулакрумот на Грујо! Не, со тој симулакрум мора жестоко, од корен!

Како и во личниот живот, така и во општествениот тоа е мојот став по однос на раскинувањата – за да продолжите напред мора да сте одлучни во раскинувањето со претходните врски. Не можете да имате нова успешна љубовна врска ако сè уште мислите или кокетирате со претходната. Груевизмот и ДПМНЕ не се само човек, партија или владеење, ами тие се состојба на свест, политичка култура. Груевски е само епитомизација на таа транзициска политичка култура, нејзин врвен, кондензиран и концентриран, репрезент. Врв на најлошото во нас. Наше е дали ќе избереме да го продолжиме истото или ќе се справиме со најлошото во нас.

Но, од друга страна, внимателно да не би да го фрлиме и детето заедно со гадната вода. Имено, ниту најгласните поборници за жестоки раскинувања не согледуваат дека самото барање за жестоки раскинувања во својата суштина е ВМРО-вско барање. Самиот принцип на раскинување, на жесток дисконтинуитет, во суштина е истиот тој логос типичен за ВМРО: та они раскинаа со сето наше минато на ист таков вулгарен и жесток начин. Та они се покакаа на сè што беше вредно во оваа нација! Сакате исто така, брзоплето да се покакаме и ние!?

Затоа, раскинувањето мора да значи творечко надминување. Оваа власт мора да го обезбеди и континуитетот на оваа нација, за одново да ја изгради. Да ги земе пиларите од минатото и врз нив да ја гради иднината, а ако има вредни пилари и од ерата на ДПМНЕ – so be it! Затоа, полека троа слободарски побратими мои со тие вмровски финти. Со усул во раскинувањето, особено ако мотивите ви се пос-треволуционерни, а како такви и лукративни. Вие го сакате раскинувањето за да ве венчаат вас. Вам не ви пречат парите дадени на Сител заради принципот, ами заради парите! Како се нафрливте на коската, ќе нема толку за глодање. Почнувам да верувам дека Заев токму од тие причини нема уши за вас – оти не сака да се претворите во старо-новите перјаници на некое ново ВМРО. Во новата Македонија не му требате со тие стари, ВМРО-овски финти.

Затоа, раскинувањето не треба да значи враќање, ами ново создавање. Ништо не сме направиле, ако се вратиме на стварноста „пред ВМРО-ДПМНЕ“, оти да не си ласкаме, не беше тоа некоја светла стварност. Се раскинува – создавајќи, креирајќи. Нашето ново раскинување мора да биде творечко надминување, создавање на нова стварност. Кој сака да учествува, бујрум, останатите – назад во ВМРО!

Трајче Стојанов

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?