Добивај вести на Viber
Нова национална авиокомпанија ќе формира Владата на Србија и ќе земе на лизинг 12 авиони „Ербас“, изјави денеска министерот за финансии и економија Млаѓан Динкиќ.
- Планираме да создадеме нова авиокомпанија, која ќе нема долгови. Ние исто така ја обновуваме соработката со компанијата „Ербас“. Од неа ќе земеме на лизинг 12 нови авиони. Авиокомпанијата ќе добие кредитни гаранции од страна на државата во износ од 140 милиони долари, нагласи Динкиќ.
Според него, главен нејзин партнер ќе стане големиот авиопревозник од Обединетите арапски емирати (ОАЕ) „Етихад Ервејз“, кој во замена за инвестициите ќе добие акции во српската авиокомпанија „ЈАТ Ервејз“.
Тој додаде дека ОАЕ покажуваат интерес за економска соработка со Србија, најмногу за набавка на прехранбени производи.
- За брзи и навремени испораки на овие производи е потребно постоење на современ логистички систем, кој ќе вклучува пристаниште на реката Дунав во градот Нови Сад и товарен терминал на белградскиот аеродром. Тоа ќе овозможи побрзо да се испорачува свежото овошје и зеленчук од Србија не само кон Емиратите, туку и на европскиот пазар, истакна Динкиќ.