29 Март, 2024
0.0236

ВОЈНА ЗА ВИНОТО: Македонија ќе воведе реципрочни мерки за увозот од Хрватска?!

Објавено во: Агробизнис 15 Февруари, 2017

Добивај вести на Viber

Македонското министерство за земјоделство чека објаснување од хрватското Министерство за земјоделство за новите одредби од Правилникот за лозарство што ги донесе Хрватска, а кои се однесуваат за увоз на вино од трети земји, меѓу кои е ставена и Македонија. Заменик-министерот за земјоделство Ванчо Костадиновски за Фактор вели дека не е исклучена можноста и Македонија да воведе реципрочни мерки кон Хрватска во делот на увозот на хрватски производи, доколку се покаже дека новата регулатива што ја донесе Хрватска, ја попречува трговијата со Македонија.

„Ние веќе стапивме во контакт со хрватското министерство и имавме средба со амбасадорката на Хрватска, за да ни објаснат,  да видиме за што точно станува збор, по која регулатива е тоа донесено и потоа ќе изградиме став, но откако ќе го слушнеме и официјалниот став од хрватското министерство за земјоделство. Ние сега прво ќе разговараме и ќе им образложиме дека тоа е на штета на договорот за стабилизација и асоцијација, а посебно и за билатералните односи со Хрватска. Ако постои такво нешто во некоја регулатива која што суштински значи со нетарифна бариера пречка за извоз на македонски производи конкретно за виното, тогаш и ние ќе ги преиспитаме нашите позиции и односите со Храватска, доколку има ограничување во однос на трговската размена. Во овој момент не можеме ништо да преземеме, бидејќи побаравме средба се обративме до амбасадорката, се обративме до хрватското министерство за земјоделство за да ни дадат нивен став. Доколку има суштинска измена и доколку таа регулатива ја попречува трговијата на Македонија со Хрватска, ние ќе преземеме соодветни реципрочни мерки“, вели Костадиновски.

Правилникот кој го донесе Хрватска стапи на сила од почетокот на годинава и дел од новите одредби предвидуваат дополнители нетарифни мерки за увозот на вино од трети земји, во која група Хрватска ја ставила и Македонија.Правилникот предвидува пролонгирање на периодот на ставање на увезеното вино во промет односно потребни се минимум 32 дена од моментот на царинење на виното до добивање на дозвола за пуштање на виното во промет со што се зголемуваат трошоците на македонските винарски визби. Новите одредби на хрватскиот правилник предвидуваат неколкукратно зголемување на трошоците за потребни анализи и заштита на животна средина, што доведува до дополнително оптповарување на продажната цена на виното. Од винарските визби велат дека со ова со ова значително се отежнува извозот на вино во Хрватска, која според нив со овој правилник отвора т.н нетарифна бариера за македонското вино, со цел да ја зголеми и заштити продажбата на хрватското вино од конкуренцијата на македонското вино.

„Бараме веднаш да се преземат соодветни мерки во рамки на пропишаните процедури заради елиминирање на оваа нетарифна бариера што значително го отежнува увозот на виното од Република Македонија во Република Хрватска, со потенцијал за значителен негативен импакт. Би сакале да ја изразиме нашата загриженост од донесените измени од страна на Владата во Хрватска за ограничување на увозот на македонско вино, кои доколку се разгледаат подетално и суштински јасно е дека според законските регулативи на ЕУ станува збор за нетрговски бариери со цел заштита на домашните хрватски вина“, велат од „Вина од Македонија“,  кои веќе испратија барање до македонските надлежни институции за решавање на проблемот.

Хрватска се една од најзначајните  извозни дестинации за македонското вино каде годишно се извезуваат 17 милиони литри вино во вредност од 11.2 милиони евра, или 22,5% од вкупната количина на извезено вино во светот и 24,2% од вкупната вредност на извезено вино. Само лани дури 26 отсто од македонското се извезло во Хрватска. Хрватска е втора земја зад Србија за увоз на македонско флаширано вино и трета зад Германија и Србија за увоз на македонско наливно вино.

Т.С


Можеби ќе ве интересира

СЕ БЛИЖИ ВЕЛИГДЕН: Колку пари ќе ви требаат ако сакате да купите јагне?

СЕ БЛИЖИ ВЕЛИГДЕН: Колку пари ќе ви требаат ако сакате да купите јагне?

ОД ДЕНЕС ВЕДРО НЕБО И МНОГУ СОНЦЕ: Максималните дневни температури пролетно високи

ОД ДЕНЕС ВЕДРО НЕБО И МНОГУ СОНЦЕ: Максималните дневни температури пролетно високи