19 Април, 2024
0.0274

Второ послание од Америка

Објавено во: Колумни 30 Август, 2016

Добивај вести на Viber

Во претходната колумна, драги мои, преку примерот „Drycampus“, сакав да покажам како бројноста на разно-разни правила, закони, закончиња, правилничиња...во САД се доживуваат како закана за слободата. Поточно, како едно организирано општество можете да го доживеете како „мравјалник“ (што би рекол Достоевски), во кој не се чувствувате поголеми токму од мравка. Се разбира, овие примери се генерализации и како и секоја генерализација не треба да се зема како вистинска слика за тоталитетот. Сепак, тоа се само интимни перцепции воопштени на ниво на есеј и секако не се научни анализи од кои треба да се извлекуваат догматски заклучоци за општеството и културата која ја опсервирам. На крајот на краиштата, не постои една Америка, постојат многу различни Америки.

Откако ви го приложив примерот со т.н. Drycampus, кога бевме искарани од универзитетското обезбедување затоа што не го почитувавме правилото за забрана за алкохол во кругот на кампусот, денеска сакам да го погледнам истиот пример од друг агол, но и да понудам нов. Имено, во претходната колумна заклучокот како да беше дека строгото почитување на востановените правила е своевиден атак врз слободата. Дека во таа опседнатост на Америте со почитувањето на правилата и скоро „манијакалноста“ во нивното спроведување од страна на институциите, се огледа подреденоста на поединецот и доминацијата на системот на моќ. Тоа е состојба во која слободата се поништува, станува не-слобода, а поединецот само штрафче што го одржува системот. Но, дали е така?

За да одговориме на ова прашање, повторно мораме да се запрашаме – а што е слободата во заедницата? Како поединецот би се чувствувал слободен во едно организирано општество? Што значи воопшто слободата? Дали тоа е можност за целосно „ослободување“ на сите потреби, желби и импулси? Медитирајќи над ова, сфаќам дека во извесна смисла, заклучокот што овде ќе произлезе е целосно Хегелијански. Веројатно сум Хегелијанец!? Имено, дали „ограничувањата“ преку законите, правилата и правилниците се всушност ограничувања на мојата слобода? Да не е тоа всушност остварување на мојата слобода во заедницата? Тоа е вистинското прашање. Хегел имено, мислеше токму така. Во списот „Основи на философијата на правото“ од 1821, тој ќе тврди дека развојот на личноста е можна и целосна само кога човек се разбира како дел од општеството и неговите лични интереси ги идентификува со општите интереси. Уште попрецизно, слободата не е проста арбитрарност, таа не е слобода да се чини што се сака („негативна слобода“), туку сообразување со „националниот систем“. Поединецот, имено се „ослободува“ преку познавање и исполнување на своите задачи во тој систем. Останувањето на арбитрарноста и подложноста само на природните импулси, всушност е неслобода, или како што вели Хегел - тоа те остава на нивото на еден „неопределен субјективитет“ во кој „волјата е затворена во себе“. А тоа не е слобода по Хегела.

Но, да го конретизираме Хегела низ нашите примери. Дали слепото и беспоговорно покорување на правилото „Drycampus“ ја негира мојата слобода или ја овозможува? За да се обидеме да одговориме на ова прашање ќе се послужам со друг пример. Имено, за време на престојот во САД секој од нас имаше своевидна универзитетска „ID-card“ со која правевме сè – од отворање на рампата во кампусот, преку копирања материјали на јавните копери и плаќања, изнајмување книги во библиотека, па до отклучување/заклучување на сопствената соба во домот. Е токму таа картичка, во една доцна летна ноќ си ја заборавив во собата при излегување на цигара-пауза.

Во собите секако беше забрането пушењето (и тоа е уште едно правило што беспоговорно го почитував) и затоа често излегував надвор. Беше три и кусур по полноќ, читав во својата соба и уживав во тивката, но неподносливо топла ноќ, кога решив да излезам на цигарче. На излегување вратите од собите имаат механизам со кој автоматски се враќаат назад и се заклучуваат. Го знаев тоа и кога ги правев овие „ноќни паузи“ без да ја земам картичката со себе ги потпирав вратите со кантите за отпадоци, кои стоеја непосредно до нив во ходниците, за да стојат отворени. Оваа вечер, веројатно задуман над четивото, заборавив да го сторам тоа. Вратата во главниот ходник автоматски се заклучи. Стоев надвор пред собите во три и кусур по полноќ, по бермуди, маица и... бос! На раат си го испушив цигарчето – оти тој раат не вреди ништо да го ремети, па дури ни заклучена соба во три по полноќ – и откако го завршив цигарето, решив да тропнам на прозорите на некои од колегите (тоа беше можно бидејќи сите соби беа на приземје, наредени во еден круг), да ги замолам да ми отворат одвнатре, како што единствено беше можно. Се разбира, во три и кусур по полноќ сите спиеја, а јас не сакав да бидам упорен со тропањето и да ги разбудам само заради мојата неодговорност. Помирен дека ќе го чекам изгрејсонцето и првото раздвижување на луѓе по кампусот, седнав на клупата пред домот. Во тој миг пред себе забележав лимена кутија во која личеше дека има сместено телефон. И бев во право, тоа беше телефон на кој пишуваше дека е за итни случаи.

Претпоставувате, прво се изненадив што воопшто има такво нешто. Второ, што истиот не е искршен стоејќи на јавно место во кое дневно врват илјадници 18-годишни студенти. Откако ми помина тоа изненадување, се разбира, навикнат на балканските прилики, следниот соменеж ми беше изразен во констатацијата – „нема шанси да работи“! Откако ја кренав слушалката и се уверив во спротивното, мојата балканска скепса продолжи да се сомнева и понатаму: „Хм, дури и да работи, нема шанси некој во три и кусур по полноќ, да крене слушалка. Ајде (тука скепсата троа ми омекна, или пак силно ми проработе надежта, сеедно), дури некој и да крене, истиот би бил ужасно поспан и следствено нервозен што му го реметам сонот со мојата заборавеност“. Но, немав многу избор: или бос по бермуди да дремам на клупата до првите зори, или да издржам едно викање од другата страна на слушалката, ако воопшто ми кренат. Сепак се решив за второто - вртам на бројот запишан на самиот телефон. После две-три ѕвонења, од таму слушате пријатен женски глас кој „го очекува“ вашиот повик. „Како можам да ви помогнам, господине“? – беше следното прашање, откако прво го верификуваше мојот идентитет како scholar на нивниот универзитет, пронаоѓајќи ме на листата стипендисти што веројатно ја имаше пред себе, кои тоа лето престојуваа таму. Го образложив - помалку срамежливо искрено - случајот, очекувајќи барем благо исмевање. Наместо тоа добив љубезен одговор: „дежурна кола од универзитетското обезбедување ќе биде таму in a minute, sir!“

Значи, истото тоа обезбедување, кое само пред неколку дена се појави да нè искара и предупреди дека внесувањето и пиење алкохол не е дозволено во кампусот и дека го нарушуваме правилото за „drycampus“, и дека не смее да ни се случи тоа уште еднаш, пристигна точно за минутка, љубезно ме праша кој е мојот влез и број на соба и со нивната картичка ми ја отклучи и главната врата и вратата од мојата соба. Згора на тоа и ми посакаа пријатна ноќ. Се извинив, по балкански, што ги „деранжирав“ во рани зори, а тие ми одговорија по американски – „нема за што да се извинувате, we are just doing our job“!

И сега, преку овој пример се враќаме пак на нашето прашање за слободата. Уште еднаш, како и тогаш така и сега, само се прашувам, во случајов гласно и јавно, без да нудам одговори: зарем ова не е остварување на слободата во една заедница? Зарем фактот што и во обата случаи тоа обезбедување си ја вршеше работата, не значи дека ми беше на услуга на мене и на остварувањето на моите потреби!? Зарем да се биде на услуга не значи всушност организирана заедница во која можам да ја остварам својата слобода? Зарем исполнувањето на должноста во заедницата, како што думаше и Хегел, не значи всушност, остварување на вистинската слобода на поединецот? Можеби го вулгаризирам Хегела, а многу веројатно и го банализирам со ваквите примери, но мене ми се чинат доволно ислустративни за нашата „теориска“ задачка на анализа на поимот „слобода“.

Овде, во САД можете да бидете скоро уверени дека кога ќе отидете во банка, одите во банка, кога ќе заминете на студии, заминувате на студии, кога влегувате на шалтер, влегувате на шалтер....т.е. дека скоро секаде ќе ви биде испорачана услугата за која што сте дошле. И тоа ќе ви биде испорачана најдобрата што може поединецот да ја испорача во тој миг. Како што ви испорачуваат услуги, системот очекува и вие да ги испорачувате услугите за местото и позицијата на која сте назначени. Ако сте професор, должни сте да предавате, должни сте да вршите консултации, должни сте да спроведувате испити, должни сте да истражувате и публикувате, должни сте.... и тоа да го правите дури и со извесна доза на радост. Не само што сте должни да го сработите, туку и да се радувате за тоа што го работите, додека го работите (за ова во некое од следните писанија).

Истиот пример, истите актери, погледнати низ друг ракурс, гледаме како нудат поинаков заклучок. Веќе во следната колумна, драги мои, ќе се вратам со еден пример од Македонија, да се обидам да разберам како овде ја поимаме слободата. Што подразбираме ние под слобода и како ја доживуваме!?До тогаш, сепак останете свесни за загрозите на вашата слобода, оти задачата на секој систем е токму тоа – ограничувања на вашата слобода.

Д-р Трајче Стојанов Повеќе колумни може да прочитате овде!

Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок