ВУЧИЌ: Ќе бараме испорачување на Харадинај!
Објавено во: Балкан 05 Јануари, 2017
Премиерот на Србија, Александар Вучиќ за апсењето на поранешниот хашки обвиненик Рамуш Харадинај, денеска изјави дека е добро тоа што „правото е над политиката“.
Вучиќ потврдил дека српските власти и официјално ќе бараат испорачување на Харадинај.
Тој додава дека не би сакал Франција, „како сериозна и правна држава да не постапи во согласност со правото, туку со политичките ставови“, пишуваат српските медиуми.
„Имаме човек кој е виновен за толку многу дела што тешко е дури да се пребројат. Никој нема право да ги руши одлуките на независното обвинителство. Над мене никој не врши притисок, со мене така не се разговара, и со Србија така не се разговара. Гледам што се нивните желби, ги препознавам, но не се грижам за нивните желби, ме интересира само правото. Доколку на нив од Европа не им допаѓа, тогаш супер. Пуштете го нека оди па потоа дојдете да ми солите памет за поглавјата 23 и 24 и принципите на правната држава“-вели Вучиќ.
Харадинај за време на апсењето во Франција имал дипломатски пасош и e уапсен од француската гранична полиција на аеродромот во Басел, пренесува Reuters. Шефот на пратеничката група на Алијансата за иднина на Косово, денеска изјавил дека тој по сослушањето во обвинителството ќе биде ослободен.
Тој се товари за киднапирање, мачење и убивање на цивили.
Србите го обвинуваат за злосторства кои ги направил во 1998 и 1999 година на Радоњичко езеро. Тогаш се убиени најмалку 34 цивили од српска и албанска националност.