За околу 7% ќе поевтини цената на парното во Бугарија од јануари 2013-та. Како што појасни претседателот на Државната комисија за енергетско и водно регулирање (ДКЕВР) Ангел Семерџиев, кај секое топлификационо друштво намалувањето ќе биде различно.
„Сите оние кои се греат на гас ќе почувствуваат намалување на сметките“, истакна претседателот на енергетскиот регулатор.
Тој посочи дека сеуште во државната комисија не е примен документот за новите цени на гасот од државниот оператор Булгаргаз. Според него, намалувањето на цената на природниот гас, врз основа на последните договори за снабдување во земјата со руската Газпром, ќе биде со најмалку 7 проценти.
За прецизни бројки, треба прво Булгаргаз пред ДКЕВР да ги достави документите со точни пресметки за следниот регулаторен период (од јануари до март 2013 година). Крајниот рок е 10 декември 2012-та, а како што појаснува Семерџиев намалувањето на базните параметри во договорот со руската компанија не значи автоматски поевтинување на гасот до крајните корисници со истиот процент, бидејќи таа цена зависи и од други фактори.