29 Март, 2024
0.0259

За буџетот се работи…

Објавено во: Колумни 20 Декември, 2012

Добивај вести на Viber

И додека власта бара начин како државната каса за наредната година да ја донесе на пленарна седница, со прескокнување на законодавно правната и комисијата за финансирање и буџет, а опозицијата ги употребува сите демократски средства до таков расплет на настаните да не дојде, полека но сигурно станува се‘ поинтересно, каков ќе биде расплетот околу донесувањето на буџетот , отколку  што ќе содржи самиот буџет. Во оваа ситуација во која се употребуваат не само различни методи на политичка борба, многу е битно главните актери да бидат внимателни и да не заборават дека сепак, за буџетот се работи... Растргнати меѓу предупредувањата од власта дека недонесувањето на буџетот води кон создавање хаос во општеството, а на опозицијата, дека донесувањето на предложениот буџет води кон влетување во „грчко сценарио“ не остава простор за објективно расудување, уште повеќе што во промет се бројни дезинформации и полувистини пласирани, повеќето, секако, не од незнаење, туку со намера јавноста да се придобие за својата „кауза“. Веднаш да кажам дека ситуацијата доколку не се донесе буџетот не е нормална туку вонредна (со оглед на тоа што не се случува често) и има определени последици  за функционирањето на државата. Меѓутоа, таа е далеку од ставовите дека ќе настане хаос во општеството. Да ги погледнеме бројките. Буџетот за годинава изнесуваше 2,4 милијарди евра, а во предлогот на буџетот за наредната година се предвидуваат расходи од 2,7 милијарди евра, трошоците, значи, се зголемуваат за околу 300 милиони евра. Со оглед на тоа што постои ригидност во поместувањето на структурата на буџетските корисници, очигледно е дека со недонесувањето на буџетот можат да бидат загрозени, евентуално новите корисници на буџетски средства и постојните, за кои е предложено зголемување во однос на расходите во оваа година. Сите други не треба да стравуваат за нивното работење, барем на нивото што го остварувале годинава. Одтука може да се заклучи дека вакиот исход на настаните не зависи ниту од расположението на власта, ниту на опозицијата, туку ова решение произлегува од законот за буџет во кој е предвидено што ќе се случи доколку државната каса не се донесе навреме. Во суштина со ова законско решение е предвидено „времено право на трошење“, односно е понудено решение за надминување на ваквиот тип на проблем. Тоа значи, доколку Буџетот на Република Македонија за наредната година не е донесен до 31 декември во тековната година, во тој случај, Министерството за финансии ќе одобри месечно користење на средства најмногу до една третина од вкупните извршени расходи во првиот квартал од претходната фискална година најдоцна до 31 март, имајќи ги предвид готовинските текови. Во текот на овој период не е дозволено да се преземаат нови обврски и не се извршуваат расходи за нови програми. Кога ќе се донесе буџетот сите одобрени средства за тековната година кои дотогаш биле искористени ќе бидат вклучени во донесениот буџет. Во предвид е земена и опцијата,  доколку Буџетот не се донесе до 31 март во наредната година. Во тој случај,  Собранието на Република Македонија може да донесе одлука за продолжување на временото финансирање. Да резимирам, не донесувањето на буџетот значи, не го доведува во прашање функционирањето на државата, иако го отежнува, бидејќи бара поефикасно распределување на средствата од кои се алиментира буџетот со оглед на готовинските текови. Или ако сакате, со ненавременото носење на државната каса се кастрат само новите програми  и предвидените зголемувања на приходите на постојните корисници и повторно не дека така сака власта или опозицијата, туку затоа што така е регулирано со Законот за буџет. И друго, опозицијата неможе да си дозволи луксуз, да нуди решение, а притоа истото да го менаџира преку предлогот „ земи или остави “. Тоа значи доколку навистина се сака решение потребен е конструктивен разговор (власта и опозицијата) во кој двете страни точно ќе утврдат колку тоа средства можат да се заштедат во името на барем оваа година одложувањето на непродуктивните трошења. Значи воопшто не е битно дали е 204 или помалку милиони евра, но сигурно не 3 колку што министерот за финансии пушти срце. Мислам дека истиот тој министер за финансии, доколку навистина верува во намерата на опозицијата и сака да ја предухитри нивната цел, треба едноставно да прифати, грубо, половина од предложената сума, па да видиме со кое лице опозицијата ќе го одбие таквиот предлог и како таквата постапка ќе ја објасни  пред јавноста. Да завршам со она што е клучно, а тоа е дека недонесувањето на буџетот не е „пропаст на земјата“ иако е подобро тој да се донесе благовремено.  Притоа, подобро е доколку се донесе со компромис, а не во неиздржана правна постапка. И за власта и за опозицијата е подобро да се постигне компромис, бидејќи ќе ја поделат одговорноста за идните случувања во земјата, од аспект на остварувањето на буџетот. Со еднострано донесување на буџетот надвор од постапката одговорноста паѓа на власта. А таа не е мала ако се покаже како точна дијагнозата за неоправдано забрзано задолжување спрема странство, со оглед на недоволниот развој на потенцијалите за благовремена отплата на долговите. Веќе има сериозни сигнали за тоа. Земјата почна да се задолжува со  нови кредити за да ги отплаќа старите. Таков е и карактерот на новите кредити од Светска банка кои се навистина поволни и не би требало да се испуштат. Меѓутоа, би било најдобро ако за добар дел од нив, со намалување на непроизводната потрошувачка, се отвори простор за продуктивно ангажирање. Овде е всушност основата за постигнување на компромис. А до него може да се дојде доколку добро се извагаат и усогласат краткорочните и долгорочните интереси на земјата.   Д-р Крсте Шајноски

Можеби ќе ве интересира

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

ЗА (НЕ)ПРИМЕНАТА НА ИЗМЕНИТЕ И ДОПОЛНУВАЊАТА НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИ ОДНОСИ

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?