За Грците Рама го враќа сеништето за Голема Албанија, а осуда стигна и од Србија
Објавено во: Балкан 20 Февруари, 2018
Медиумите кај јужниот сосед посветија големо внимание на „бомбастичната“ изјава на премиерот на Албанија, Еди Рама за потребата од заеднички претседател на неговата земја и на Косово.
Грчките медиуми пишуваат дека ова е „враќање на сеништето за Голема Албанија“.
„Сеништето на Голема Албанија повторно се буди, за да стане реалност“ или „Еди Рама сонува како Ердоган; Границите на срцето еден ден да станат реалност“, се некои од насловите во грчките медиуми за изјавата на Рама од пред два дена.
Ненад Поповиќ, министер без ресор во кабинетот во Белград задолжен за иновации и технолошки развој, изјави дека неговата земја треба да го прогласи албанскиот премиер Еди Рама за персона нон грата.
Српскиот министер за одбрана, Александар Вулин, пак, истакна дека голема Албанија мора да биде запрена во нејзиното проширување.
„За нас, Косово е дел од нашата држава и секојпат кога некој ќе претстави такви идеи, се разбира дека не можеме да ги поздравиме или прифатиме“- рече Марко Ѓуриќ, шефот на Канцлеларијата за Косово и Метохија.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека се гордее што Србија има чесна позиција и цврсто ги штити своите интереси додека Албанците сакаат територии.