За Коѕиас „постои отворен прозорец“ за името - каков став има Гутереш?
Објавено во: Балкан 18 Септември, 2017
За Македонија и за спорот за името вчера во Њујорк разговарале грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕиас, и генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш.
Од грчкото МНР соопштија дека за спорот за името и разговорите со посредство на посредникот Метју Нимиц, Коѕиас кажал дека „постои отворен прозорец за можности“ да се разговара за прашањето за името по завршувањето на локалните избори во Македонија и доколку „соседната земја го напушти иредентизмот“.
„Како што знаете, соседната земја во октомври има локални избори. Верувам дека по изборите постои прозорец за можности за дискусија за прашањето за името, ако се напушти иредентизмот“ – изјавил Коѕиас по средбата со Гутереш.
Во соопштението, пишува дека генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги „поздравил обновените напори за наоѓање решение за спорот за името и го уверил грчкиот министер за надворешни работи во посветеноста на ОН да ги поддржи двете земји во овој контекст“.
На средбата се разговарало и за Кипар.