28 Март, 2024
0.0246

За кого, за МАКЕДОНИЈА

Објавено во: Колумни 18 Јануари, 2018

Добивај вести на Viber

Македонија навива за вас, пеат милиони како еден глас, Македонија сака победа, милион срца една молитва...Ечи на трибините во Загреб, во култната Арена, спортската сала која е симбол за спортски манифестации, национални, европски и светски, а во моментот е место каде се бијат копјата на ракометните европски великани. А меѓу големците, горди, исправени, стасити и достојни се и нашите момци, нашите јунаци, нашите ракометни борци, кои во овие турбулентни времиња, во ова секојдневие кое го битисуваме, а е полно со предизвици и неизвесности ни изнудуваат тронка радост, ни ја хранат нашата напатена душичка со убости, ни ја изнедруваат насмевката на нашите лица и да, највеќе не прават горди на на нашата ни мила држава.

И не случајно првава колумна во новава година ја посветувам на еден убав настан, на Европското првенство во ракомет, на нашите момци-ракометни јунаци кои искрено не прават среќни и емоциите на задоволство и радост после секој натпревар се исцртуваат на нашите лица, а и убавината и пријатност не опсипуваат при секој ракометен натпревар на нашите ракометни големци. Можеби и со право ќе кажам дека единствена светла точка во овие недели, кои изобилуваат со контрадикторни, мачни и тешки државни и општествени теми и дилеми, единстев позитивен дискурс ни се натпреварите, кои со посебен адреналин и радост ги следиме и со солзи радосници крајот о дочекуваме. Нашите ракометари  лавовски се борат и не потклекнуваат пред големите авторитети, напротив, тие се сигурни во себе си, полни со ентузијазам, знаење, сила и пред се и над се огромна желба за успех. Ах бре момчиња ракометарчиња, во деминутив намилост ви се обраќам,  а вие сте јуначишта, борци какви и требаат на нашата ни мила татковина, мажишта кои гинат на терен и со гордост го носат националниот дрес. Вашата сплотеност, несебичност, големина, борбеност, жилавост и најмногу од се љубовта кон сопсвтената држава ве прави уште поголеми и помоќни и како што се вели гледајќи ве како страствено играте и искрено и од срце се радувате на секој постигнат гол, човек може само да ви заблазни и да посака да учи од вас како се љуби и како се бори за татковината.

 Вие мои ракометари треба да бидете пример, најпрво,  на сите политичари, бидејќи вашата сплотеност, колективен дух, заедништво, желба за добар резултат е пред се и над се, кај вас не постои егото (јас и само јас), ка вас не постои егоцентризам и индивидуализам, кај вас не постои омраза дури и кон спортски другиот, постои само желба да се успее, заедно и сплотено во вашата цел која е исконска и неприкосновена. Кога би можеле да учат политичарите од вас би сфатиле дека залудно е сето индивидуално богатсво, ако го загубиш колективот, залудна е сета моќ и власт ако убавите мигови не можеш да ги споделиш со ближните, залудна е сета борба за престолот ако на крајот останеш осамен и со наведната глава. Учете политичари од ракометарите дека некои прашања се од национален интерес и со него не можете да си играте, слушајте ја химната која орно се пее од грлата на ракометарите и која пропагира единство и обединување, учете дека јазикот е жива материја, но и суштинска и треба да се негува, учете дека само со разговор и взаемна почит и соработка следува неизоставен успех и учете дека колективниот дух се гради и надградува. Многу може политчарите да научат од раометарите, но само ако сакаат, многу може да разберат за љубвта кон татковината и дека таа нема цена, за приоритетите кои не се остваруваат макијавелистички, туку со ум и разум и заеднишво, за функциите кои се менливи и минливи, но образот останува секогаш, за полтронството и искреноста и уште многу вредности кои се на пиедесталот на врвни вредности кај ракометарите, а кои се правилни и посакувани, вредности кои можеби нашите политичари ги подзаборавиле малку.

За кого, за нашата ни мила Македонија, Ракометарите да бидат пример за сите како се сака, се почитува и за бори за милата ни татковина.

Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова

Институт за социологија

Филозофски факултет-Скопје


Можеби ќе ве интересира

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

Кој го организираше терористичкиот акт во Русија?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА ОБЛИГАЦИОНИТЕ ОДНОСИ И ЗАШТИТАТА НА ДОВЕРИТЕЛИТЕ ИЛИ ДОЛЖНИЦИТЕ ИЛИ СОЦИЈАЛНИТЕ СЛУЧАИ?