За Николиќ Харадинај е бесно куче кое мора да биде казнето
Објавено во: Балкан 13 Мај, 2017
Српскиот претседател, Томислав Николиќ изјави дека Рамуш Харадинај, откако беше ослободен во Франција, мисли дека никогаш нема да биде казнет, објавија српските медиуми.
„Харадинај е куче кое го почуствувало вкусот на човечкото месо и мора да биде казнето, за бесната пена да не му тече повеќе од уста. Ние сме спремни да одбраниме секого и сѐ што со Уставот ни е доверено на чување“- изјави Николиќ за Новости.
Николиќ вели дека може секој да сака нешто. Додава дека Харадинај го ослободија во Франција и сега мисли дека нема да биде казнет ако изврши злосторство врз Србин.
„Сѐ додека во државите на ЕУ не го измијат гревот направен со признавањето на таканаречената независност, тој нема да ѝ биде достапен на правдата. Неказнето во некои држави повторно се разгорува омраза кон српството“ - смета Николиќ.
Додека не минат изборите за привремените институции во Приштина, ќе се наслушаме сѐ и сешто, порача Николиќ.
Инаку Харадинај се товари за воени злосторства извршени врз Срби на Косово. Тој беше уапсен во францускиот град Колмар, но подоцна е ослободен.