За нова влада и програма за работа ќе се гласа утре
Објавено во: Македонија 29 Мај, 2017
Мандатарот Зоран Заев доверба од пратениците за неговиот предлог за состав на новата влада и програмата ќе побара утре.
Собранискиот претседател, Талат Џафери седницата ја закажа за утре во 11 часот, на која ќе започнат дебатите за избор на нов кабинет. Согласно Уставот на Република Македонија дебатите продолжуваат најмногу два дена.
Тоа значи дека во средата пред полноќ Заев ќе биде избран за нов премиер. Тој синоќа го објави составот на новата влада, кој беше одобрен на вонредна седница на Централниот одбор на партијата.
Во новиот кабинет ќе има 15 министерски места и 6 министри без ресор. Тие се претставници на СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците.
Во последен момент Движењето БЕСА на Билал Касами одлучи да не биде дел од владата, затоа што дел од нивните принципи не се прифатени. Тие се незадоволни и од предложените кадри и неизвесно е како ќе гласаат утре. Еден од нивните принципи беше редефинирање на државата.