За Питела руската привлечност на Балканот е голема
Објавено во: Балкан 22 Мај, 2017
Шефот на пратеничката група на социјалистите и демократите во Европскиот парламент, Џани Питела смета дека на државите од Западен Балкан, кои сакаат во Европска унија, треба да им се даде јасна перспектива за членство.
Вели дека тоа треба да се направи за да не попаднат во „руска орбита“.
„ЕУ мора да биде многу активна, иако проширување на Унијата е можно по 2019 година. Балканот поминува низ многу проблематичен период. Во Македонија, во Албанија, во Босна и Херцеговина и во Србија дејствуваат силни дестабилизирачки притисоци“ - изјави Питела за словенечкиот дневен весник „Дневник“.
Тој рече дека „Балканот е составен дел од Европа и соседство на ЕУ“.
„Но, сега сме многу далеку едни од други иако би требало да бидеме блиску и обединети. Потребна е активна политика кон тој регион и политичка мобилизација на европските сили, бидејќи ризикуваме цело тоа подрачје да премине во руска орбита. Тој ризик е многу реален, а руската привлечност е голема“ - вели Питела.
Тој објасни дека единствено политиката на отворена перспектива за членство во ЕУ е единствена политика која ќе ги држи балканските земји безбедни од Русија.
Питела додава и дека „спомнатите држави мора сосема јасно да ги исполнат критериумите и да се обврзат дека ќе го почитуваат правото на ЕУ и нејзините демократски начела, инаку вратата на ЕУ ќе биде затворена“.