24 Април, 2024
0.0247

За пријателството, вистинското и она од интерес…

Објавено во: Колумни 06 Септември, 2013

Добивај вести на Viber

Денес, во ова време-невреме во кое битисуваме, денес во ерата на глобализацијата и размената, денес во ерата на мултидимензионалноста во целиот општествен хабитус на површина исплививаат вредности и норми кои можеби соодветствуваат на себесвојствен начин со совремието, вредности со помош на кои индивидуата полесно се вклопува во современите животни текови и учи да биде во склад со новитетите и предизвиците во кои ја втурнува новото време. Она што може да се забележи, но и е дел од социолошките анализи кои се однесуваат на вредносниот кодекс, тоа е една брза трансформација на вредностите кои се дел од моралниот кодекс во едно општество.

Едни вредости, кои долго биле на врвот на вредносната хиеррхиска скала се маргинализираат, исчезнуваат, одат во неповрат, а други, кои биле на дното и воопшто не биле тангирани, испливуваат на површина. Некои од нив секако не случајно се искачуваат со брзи чекори на моралната скала и можеби и со право бидејќи тие го осмислуваат патот на единката за полесно нејзино вклопување во сопственото општество, но други, кои биле патоказ за нешто што е правилно, добро, позитивно и продуктивно се заборавиле и без ниту тронка сомилост и желба останале на маргините на општественото живеење.

Вистинскиот пријател е оној кој со тебе споделува мигови на среќа Пријателството е една од суштествените вредности , кое за мене, а се надевам и за многумина, е една од суштествените вредности. Во мојот морален кодекс и вредносен дискурс пријателството зазема клучно место и цврсто е етаблирано како нешто кон кое имам посебна почит. Вистинскиот пријател е оној кој со тебе споделува мигови на среќа, оној кој дели моменти на тага, бидејќи вистинскиот пријател постојано на ум ја има максимата дека споделената радост со наши ближни и драги луѓе е поголема радост, а споделената тага е помала тага. Вистинскиот пријател е тука кога ти треба топла и милна прегратка, некогаш за утеха и надминување на душевна и телесна болка, а некогаш за неодминлива среќа. Убавиот, милниот збор, упатен кон тебе од пријателот е мелем на рана во мигови на двоумење, страдање и болка, и дополнителна енергија во мигови на среќа и веселба. Советот од вистинскиот пријател во мигови на размисли и недоумици, во моменти кога се наоѓаш на крстопат и постои двојба за избор на вистинскиот пат, во ситуации на талкање низ шумата наречена живот, е правиот совет кој ќе ти ја олесни маката и ќе ти го насочи изборот. Страдањето е помало кога физички и ментално го делиш со пријателот, кога во неговите очи ќе ја видиш истата болка која и тебе те тишти за миг ќе ти олесни и ќе сфатиш дека лицето до тебе ги дели истите сентименти со тебе и тоа чисто и исконски, без лажење и преправање. Пријателството често пати го споредувам со ретка билка, која треба за да ја одржуваш постојано да ја негуваш и одгледуваш со посебна љубов бидејќи само така ќе успееш да ја одржиш. Вистинското пријателство не познава граници, вистинското пријателство не познава калкулации, вистинското пријателство не познава дилеми и математики, вистинското пријателство не познава и не признава лаги и  манипулации. Вистинското пријателство е искрено, возљубено, чисто, невино,волшебно. Вистинското пријателство подразбира тука, овде и сега на оној кој ти е вистински, тоа подразбира помош и подршка секогаш, секаде, безвременски и без ограничување. Вистинското пријателство е вистинско богатство, како пурпурен хибискус кој сјае кога дождовницата ќе му го погали лицето и блеска како милните сончеви зраци. Денес е се почестото пријателство од интерес Дали денес, во ова време на морална ерозија, криза на вредностите и апатија може да зборуваме за искрено, топло и вистинско пријателство, дали може да веруваме дека некој е способен да направи и жртва за нас, дали веруваме се уште во луѓето и нивната чесна и добронамерна природа? Да не звучам сурово, но сепак и да ја надминам утопијата, со право денес може да кажеме дека вистинското пријателство е раритет, толку е ретко што се повеѓе луѓе го прифаќаат со скептицизам и не веруваат во него. Она што со право можам да го потврдам денес е се почестото пријателство од интерес. Интересџиското пријателство е плод на современите општествени текови и многумина го прифаќаат како причина, но и последица на транзиционите процеси, го сфаќаат како нешто неминовно за денечното општествено живеење, како нешто неопходно за полесно опстанување. Но дали тогаш тоа е пријателство или познанство, дали може таквите интеракции денес меѓу луѓето да се величаат со епитетот пријателство-неразрешена дилема која уште долго ќе ги оптоварува нашите мозочни ќелии. А за мене важи дамнешното-пријателството е насушна потреба за да можеш да опстоиш и за се развиеш како единка која по сите специфики со право ќе може да се нарекува личност. Господ ме благословил да бидам богата, но со вистински пријатели и тоа ме прави неизмерно среќна. Проф. д-р Татјана Стојаноска Иванова Филозофски факултет, Институт за социологија-Скопје

Можеби ќе ве интересира

Оружје за Украина - пари за САД

Оружје за Украина - пари за САД

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок