20 Април, 2024
0.0251

За промени и во затвореното општество - Секој заслужува втора шанса

Објавено во: Колумни 02 Декември, 2017

Добивај вести на Viber

На самиот почеток сакам да ве потсетам дека човекот не е само биолошко туку историско, социјално, хумано и свесно суштество поради што и се разликуваме од останатиот животински свет. Секој човек заслужува втора шанса доколку тоа со устав и закон не е попречено. Да се потсетиме, основна цел на секоја пенитерциерна установа (КПД  и затвори) е превоспитување на лицата кои биле во судир со законот т.е. менување на некои нивни погрешни ставови, вредности и норми со цел нивно повторно вклучување во социјалната средина од каде што и дошле.

Пишува проф. д-р Зоран Киткањ

За да се постигне целта на изречената санкција (затворска казна) потребни се стандарди и норми неопходни за успешен и ефикасен третман. Современите тенденции во западниот свет укажуваат на тоа дека целта на ресоцијализацијата може да се постигне со перманентно и континуирано усовршување на вработените во одделот на ресоцијализација, создавање на адекватни услови за работа и подобрување на условите за живот на лицата осудени на затворска казна. Имено, сакам да кажам дека треба да се почитува бројката на осудени лица во група (затворено, полуотворено и отворено одделение) како би можеле групните воспитувачи да посветат доволно внимание на осудените лица според нивните индивидуални (примарни, приоритетни и посебни) потреби.  

Актуелната состојба во повеќето наши пенитерциерни установи не овозможува адекватно изготвување  и примена на индивидуален третман на ресоцијализација, третман кој што произлегува односно го наметнуваат различностите кај осудените лица, просторните потенцијали во институциите, типот на казнено-поправната установа, обемната бројка на осудени лица во воспитна група, а секако и малиот број но и различен профил на вработени во одделот за рсоцијализација. 

На сето наведено кога ќе го додадете професионалното  согорување -емоционално и физичко страдање кај вработените во службата за ресоцијализација, нивната незавидна материјална сатисфакција, немањето на бенифициран стаж и слично логично е дека нема да се добијат очекуваните резултати.

Оскудните финансиски средства од буџетот на РМ за оваа намена,  не функционирањето на производствени погони и агроекономијата во казнено-поправните установи дополнително ги намалуваат можните позитивни ефекти од третманот на  ресоцијализацја на осудените лица а со тоа и нивното успешно интегрирање во отвореното општество.

Да не заборавиме дека трудот односно работното ангажирање е еден од позначајните фактори на ресоцијализација кој им овозможува одржување на работната способност на осудените лица кои пред издржувањето на затворската казна биле во работен однос. На оние пак осудени лица кои никогаш или многу малку биле работно ангажирани во отовреното пштество работното ангажирање и оспсособување ќе им овозможи стекнување на некој занает, физичка кондиција и одржување на сопственото физичко па и ментално здравје.

За таа цел потребно е рестартирање на занаетчиските производствени погони во казнено поправните установи ( ,,препород,, во Идризово); агроекономијата која во најголем дел ги задоволувала а и во иднина ќе ги задоволува  потребите од храна за саите осудени лица;  склучување на договори со работодавачите од отвореното стопанство и отварање на заеднички производствени погони за производи и услуги за сите казнено-поправни установи.

Потребата од работно и професионално оспособување се наметнува и од самата образовна структура на осудените лица, нивниот работен статус но и и од структурата на сторените  кривичните дела (против имотот).  Тоа е единтвен начин како лицата од затворениот систем да бидат конкурентни на пазарот на трудот по издржувањето на казната лишување од слобода и нивното враќање во отвореното општество.

Некој од вас ќе праша какви погони каква агроекономија кога работното ангажирање е право а не и обврска на осуденото лице. Некој ќе потсети и на можни одговори од страна на осудените лица: за тоа што го сторивме ние  издржуваме  казна затвор и никој неможе да не присили да работиме.

Има решение и за тоа

1.  За секои 4 дена работно ангажирање да се намали казната за еден ден што значи месечно 6 дена. На годишно ниво тоа би било околу 72 дена помалку затвор. На оние што се осудени на подолги затворски казни пример 10 или 15 години ќе им се намали казната за две до три години. 

2.  За секој што ќе биде работно ангажиран да има и повеќе погодности (слободно видување во и надвор од установата, легални телефонски разговори, повеќе посети, достапност на интернет и сл.

3.  Ангажирање на надворешни стручни лица за обука во и надвор од установите на оние осуденици кои сакаат професионално да се оспособуваст и усовршуваат за дефицитарни занимања (кваликфикувани sидари, каменорезци, заварувачи, алатничари, лимари, конфекционери и сл.  со што во отворената заедница ќе имаат поголеми шанси да се вработат).

Што уште треба треба да направиме: 

  • Стимулирање и субвенионирање на работодавачите од отвореното стопанство кои работно ќе ангажираат осудени лица за време на издржувањето на казната.
  • Софтверски да се евидентираат, регистрираат и следат занимањата и стручните квалификации на сите осудени лица од страна на Управата за извршување на санкции за да се утврди кадровскиот потенцијал за отварање на производствени дејности во затворениот систем.
  • Да се констатираат дефицитарните занимања, професии на пазарот на трудот преку Агенцијата за вработување на РМ.
  • Договор со сите библиотеки во државата за достапност на стручна литература (за да не се оптеретува дополнително и така скромниот буџет на УИС.
  • Измени дополнување на Закон за извршување на санкции и подзаконските акти (правилници и одлуки) кои се однесуваат на оваа проблематика.
  • Зголемување на буџетот на Управата за извршување на санкции за структурни реформи; нови врботувања според бројот на осудени лица во група според меѓународни стандарди; за континуирани обуки и усовршувања како за  вработените во одделот за рсоцијализација така и за затворската полиција.

 Некои придобивки за период од 5 години:

  • Фуккционални современи занаетчиски погони и лаборатории за работно и професионално оспособување но и задоволување на потребите од разни производи и услуги на самите казнено-поправни установи.
  • Стекнување со нови стручни квалификации и преквалификации за лицата кои издржуваат затворска казна со што ќе се олесни постпенално прифаќање  на осудените по издржувањето на казната
  • Заштеда на финансиски средства од работната ангажираност за осуденото лице што ќе му помогне да започне некој сопствен бизнис или да задоволи некој езистенцијални потреби
  • Ќе се одржи менталното здравје и работна способност на осудените лица
  •  Ќе се намали степенот на различните облици на депривации (лишувања кои продуцираат психолошки последици кај престапниците за време на издржувањето на затворската казна.
  •  Ќе се намали рекетарството, лихварството но и влијанието на неформалните групи во затворениот систем кои постоеле, постојат и ќе постојат во иднина.
  • Ќе се намали повторот

Оваа колумна кај некои читатели ќе предизвика револт и незадоволство (посебно кај семејствата кои претрпеле неповратна загуба или материјални штета, но сакам да потсетам дека основна цел на затворската казна не е одмазда на државата кон сторителот на делото туку превоспитување и враќање на осуденото лице во отвореното општество со сочувани па и развиени психофизички способности. Со други зборови секој заслужува втора шанса до колку тоа не е попречено со закон, шанса  да постане корисен член на заедницата. Ве прашувам сите вас, дали сте помислиле  дека барем мал дел од лицата во затворениот систем се и  невини, дека на дел од  им е изречена престрога или нарачана казна од некои моќници, политичари или новокомпонирани бизнисмени.

Уште една работа сакам да ве прашам, дали сметате дека постои разлика во ефектите од третманот на ресоцијализација доколку истиот се применува 10 наместо 13 или 15 години. Мојот одговор е не. Колку човекот повеќе е изолиран од семејството и опкружувањето па и пошироката средина помали се шансите да остане психички, емоционално, социјално па и физички здрав. Да не заборавиме уште една работа,  дека некои  од осудениците издржуваат казна по нечија друга вина или им е накалемено и некое друго дело што не го сториле а за тоа им е судено. Поради наведеното, омразата и недовербата кон правосудниот систем  и општеството во целина кај дел од осудениците и нивните семејства само ќе расте а надежта ќе се намалува или ќе се изгуби. Ќе може ли за дел од нив, некој да ја надомести болката за нанесената неправда за самото етикетирање и стигматизирање, за лишувањето од слобода; љубовта кон своите најблиски и обратно; стравот за својата безбедност и безбедноста на најблиските; материјалните;  културно-образовните добра;  немањето на автономија и слично. 


Можеби ќе ве интересира

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок

Кина и Русија продолжуваат со градењето на мултиполарниот поредок